Економија, финансии, бизнис

Контакт

УЧЕБНИЦИ УШТЕ НЕМА, ГИ ТЕРААТ ДЕЦАТА ДА ФОТОКОПИРААТ: Тужба за МОН поради дискриминација

УЧЕБНИЦИ УШТЕ НЕМА, ГИ ТЕРААТ ДЕЦАТА ДА ФОТОКОПИРААТ: Тужба за МОН поради дискриминација

Трета учебна година по ред во која илјадници ученици се уште немаат учебници. За шестоодделенците нема ниту еден учебник, а и на останатите им недостига дел од наставниот материјал. Рволтот е голем и кај родителите и кај наставниците.

-МОН ги надмина сите граници. Трета година како недостигаат учебници. Дали не можат да се договорат околу тендерите, колку некој ќе приграби за себе. Доста веќе врз грбот на децата се богатат. Сега некои од наставниците не тераат да копираме, ова веќе на ништо не личи, говорат за Фактор револтирани родители.

Истовремено реагираат и на „старата болка“ со учебниците кои се по Кембриџ програмата, а станува збор за клучните предмети, хемија и физика. Велат дека се во контакт со родители на веќе студенти кои основното образование го следеле по старата програма, пред појавата на Кембриџ.

-Бараме стари учебници. Таму има и задачи и формули и теорија. Не може од лошо преведени учебници, во кои една лекција се сведува на две три реченици да се научи како што треба. Веќе со години се покажува дека децата по хемија и по физика имаат сериозен проблем во средните училишта. И сега, освен што бараме стари книги по овие предмети, освен што бараме и наставници за приватни часови, дополнително ни се создава проблем со недостигот на учебниците по други предмети. Англиски на пример, секоја година се работи од принтани материјали, што е многу, многу е, вели Сандра Јаневска, мајка на осмодделенка.

А од МОН, како што велат и дел од директорите на училиштата, „постојано добиваме уверување дека учебниците наскоро ќе стигнат“.
-Иако беше најавено дека во текот на викендот ќе има дистрибуција, во нашето училиште не стигнаа учебниците. Ќе треба да чекаме најверојатно викендов што следи, или можеби другиот викенд. Веќе никој не знае, нагласи за Фактор една од директорките.

Во меѓувреме се огласи и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Конкретно, претседателката Весна Бендевска оценува дека со тоа што МОН не обезбеди учебници за сите ученици, станува збор за огромна нееднаквост и дискриминација ќе следи тужба за МОН.

Таа во емисијата Топ тема на Телма појасни дека од 123 учебници, недостигаат 43.

-Овој проблем не е само оваа година, но овој министер имаше повеќе од четири месеци и начин да ги исполни препораките. Сега гледаме забрзано дека секој ден изјавува како се обезбедени за нов предмет. Од вкупно 123 учебници, 43 недостигаат. Тоа е огромна нееднаквост и дискриминацијата зафаќа илјадници ученици, истакна Бендевска.

Инаку, според последните информации од Министерството за образование и наука во фаза на печење и испорака се учебниците по албански јазик и природни науки на македонски јазик, кои беа одобрени кон крајот на септември.

Анита Буховски

ФОТО: МИА

Слично

Поврзани вести