УЧЕБНАТА ГОДИНА ДА ЗАПОЧНЕ НА 1.ОКТОМВРИ, А МОН ДА СЕ РАЗБУДИ: Предлага Петар Атанасов, поранешен заменик министер за образование
Поранешниот замени-министер
за образование, Петар Атанасов, во разговор за Фактор, предлага новата учебна
година да започне точно еден месец подоцна, а дотогаш да се создадат сите
услови, онаму каде што може за безбедно одвивање на образовниот процес. Смета
дека е изгубено драгоцено време за подготовка, бидејќи, како што потенцира,
летово никој ништо не таботеше, па претстојниот септември, вели Атанасов во
нашиот разговор, би бил доволен за да се преземат сите мерки за да може
наставата да почне непречено. Генерално е согласен со Комисијата за заразни
болести дека најважно од се е самите општини да се пребројат и со училишта и со
ученици и да се произнесат како може да функционираат, бидејќи секоја општина е
во различна фаза со епидемијата.
-Септември да се искористи за да се пребројат силите, идеите и начините на функционирање. Цел месец да има подготовки и прилагодување во училиштата и време наставниците да се подготват за тоа што им е работа. Мислам дека летово никој ништо не работеше. Во тој период, Бирото за развој на образованието (БРО), да одобри скратена програма, независно на кој начин таа ќе се имплементира. БРО со амин на МОН да собере тим од искусни наставници и тие да кажуваат што да се прави. Да се сведе наставната програма на базичните предмети, да се олабават децата од непотребните предмети. Предметите преку кои се учат вештини да се прилагодат на состојбата, не мора да има оценување по нив. Да се постават дигитални платформи од страна на МОН со помош на ФИНКИ. Да се направат соодветни протоколи за комуникација се децата. Може многу нешта да се направат. Секое училиште да номинира тим од тројца за имплементација на оваа вонредна програма и нејзина реализација. Овие претставници да поминат регионални обуки за „новото“ образование. На 1 октомври ќе биде добро да започнат со настава барем оние што се подготвени да започнат во услови какви што ќе се создадат. Значи предлагам 1 октомври да се номинира како датум за започнување на наставата во училиштата. Ако се започне на 1 септември ќе се создаде хаос. Децата и родителите не се психички подготвени за новата година. А и пандемијата не се стишува, вели Атанасов.
Екс-заменик министерот истакнува дека нашиот образовен систем не функционира и додава дека дека на ваков начин не може да се произведе ниту значаен ниту значителен квалитет.
-Значи, за да нешто организирате за да функционира некој треба овој процес да го менаџира а во нашиот случај нема кој. МОН одамна ги испушти конците на образованието. Затоа останува во секој дел од системот, секој да заврши еден дел од својата работа. Не може цело образование да падне на товар на родителите. Генерално сум согласен со Комисијата за заразни болести. Во овој момент е важно општините да се пребројат и со училишта и со ученици и како може да функционираат. Тие најдобро знаат со што располагаат. Секоја општина е во различна фаза со вирусот, некаде нема проблеми. Некаде каде има многу заболени не смее да започне настава со физичко присиство. Таму каде има што има помалку деца не треба да има проблеми. Таму каде што се повеќе деца треба да се комбинира наставата, една недела со физичко присуство, две недели дома. Една недела предавања, една недела учење дома и една недела повторување, усно... писмено... презентации преку дигиталните платформи. Значи големите класовите да се поделат на три дела, по 10-15 ученици. Секое дете да седнува само на клупа. Да се скратат часовите, да нема многу одмори и контакти меѓу децата. Секој да го почитува движењето на децата и наставниците. Малку дисциплина...Секоја општина има кризен штаб, тие нека ги надгледуваат училиштата. Барем институционално. МОН да се разбуди од зимскиот сон и да почне да ја менаџира кризата која започна пред 5 месеци. Да видиме дека работат нешто. Досега требаше да излезат и да дадат јавно насоки. Вака родителите ги фаќа паника и ја губат довербата во институциите. Децата треба да се заштитат, ама треба да се заштитат и од улица, и од другите деца и од сите јавни простори каде што има поголемо движење. Ако ова не се направи не може целиот притисок да биде врз училиштата. Иако образованието е сепак најгломазниот и најризичниот сектор, потенцира Атанасов во нашиот разговор.
Тој истовремено смета дека мерките тешко се спроведуваат и малку кој ги почитува, но вели и дека сепак, родителите имаат право да донесат одлука за своето дете дали ќе оди или нема да оди на училиште. Според него, не смее за тоа да има казни.
-Ако има позитивни на вирусот тогаш целото училиште е потенцијален кластер. Не е лесно. Директорите се исто така под голем притисок. Има во семејствата на децата поединци кои се со ризици по своето здравје, некои од наставниците се исто така загрозени и затоа започнувањето со наставата е ризик. Ова треба да биде дневно прилагодување. Ама за да се нормализира сето ова, ќе мора бројките со заболени прво да паднат за да се создадат услови за нормализација. Со овие бројки тешко ќе ни оди. Ќе има тргни, застани и ќе биде уште подраматично, вели тој.
Физичкото присуство не е најприоритетната работа во овој момент, појаснува Атанасов, но како социолог смета дека е од исклучителна важност да одат во училиште, бидејќи децата во таа средина се социјализираат, учат едни од други, се дружат, наставниците работат со нив, тие созреваат како личности.
-Но, ова не треба да се сфати во апсолутни рамки. Најважно е сепак да се заштитиме од вирусот. Уште поважно е да работиме со децата онлајн, на секој можен начин. Со децата треба да разговараме. Нив им е најтешко затоа што целата атмосфера е ненормална. Ова влијае врз нивната психа. Понекогаш еден месец не прави разлика, не треба да се брза по секоја цена. Ништо нема да се загуби од времето, се ќе се надополни. Владата има начини да биде флексибилна и со родителите и со наставниците и воопшто со училиштата, вели Атанасов во разговорот за Фактор.
Анита Буховски