УБИЕЦОТ ОД ТУРЦИЈА ИМАЛ САМО 21 ГОДИНА - МВР со детали за апсењето, имал помошници, по филмското бегство уапсени се пет лица
Министерството за внатрешни работи утрово со детали за вчерашнта пукотница во кафуле во Штип, но и потерата по напаѓачот кој имал и помошници.
Убиецот заедно со уште четири други лица се уапсени и во текот на денот ќе следат понатамошни активности поврзани со случајот.
- На 08.05.2025 во 21.25 часот во СВР Штип е пријавено дека во угостителски објект на Градскиот плоштад во Штип било пукано со пиштол кон Е.О.(25) од Република Турција, по што сторителот побегнал со возило. Повредениот бил пренесен во Клиничка болница Штип каде што во 22.10 часот починал - соопшти портпаролот на МВР.
Од МВР додаваат дека по преземени мерки и активности, при што бил употребен и дрон, во близина на наплатна рампа Миладиновци, полициски службеници од слобода ги лишиле К.К.(21) од Република Турција зa кој постои сомнение дека е сторител на делото, како и А.Х.(22), Т.М.(22), О.М.(29) и А.О.(28), сите од Република Турција, поради сомнение дека му помогнале на К.К. да побегне од местото.
- Имено, во 22.15 часот на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило „бмв“ со штипски регистарски ознаки, во кое биле А.Х., Т.М., О.М. и А.О., при што А.Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К.К. биле пронајдени и лишени од слобода.
Сите лица биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави - појаснуваат од МВР.
Обвинителство претходно објави дека напаѓачот е фатен, и дека потрагата по него е завршена.
Додека локалните телевизии објавија снимка од уништен автомобил по наплатата станица кај Миладиновци, најверојатно од напаѓачите.
