Уапсено лице за потпалување во Струмица, медиуми тврдат дека бил вработен во општината
Полицијата вчеравечер уапсила едно лице од Струмица, за кого локалните медиуми тврдат дека е лице вработено во општината.
Го сомничат дека сторил кривично дело, бил затекнат близу приватен имот, па бил пријавен дека се обидел да потпали сува трева.
„Синоќа полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода А.Н. поради сомнение за сторено кривично дело. Во координација со ОЈО Струмица се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Поранешниот премиер Зоран Заев во изјава за „Фокус“ наведе дека лицето Александар Николов работел во општината, но не му бил ниту возач, ниту телохранител.
Локалните медиуми објавија дека А.Н. е уапсен откако намерно подметнал пожар во атарот на брана Водоча, кај Струмица.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека во текот на денешниот ден ќе излезат со официјални информации и повеќе детали за случајот.
