Уапсени уште двајца измамници со сообраќајни несреќи од Бугарија
МНВР соопшти дека се упасени две лица од Благоевград кои се јавувале кај повозрасни охриѓани и лажно се претставувале дека членови од нивните семејства биле тешко повредени во сообраќајни незгоди, барајќи пари за да ги ослободат од кривична одговорност, при што изнудиле над еден милион денари.
К.И.(51) и Г.М.(56), двајцата од Благоевград, добиле кривична пријава за измама од СВР Охрид, бидејќи со предизвикување вознемиреност кај оштетените граѓани, во три случаи се стекнале со вкупна сума од 1.077.320 денари.
– Пријавените, во периодот од 17 август до 10 септември годинава, телефонски им се јавувале на повеќе повозрасни лица од Охрид на кои, лажно им се претставувале и ги известувале дека блиски членови на нивните семејства, биле тешко повредени во сообраќајни несреќи. Притоа, доведувајќи ги во заблуда, на оштетените им ветувале дека за одредена сума пари, можеле да им помогнат за нивно ослободување од кривична одговорност, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Претходно на 2 октомври МВР објави дека е уапсен измамник од Плевен кој изминатиот период лажел повозрасни лица за да им изнуди пари, така што им се јавувал и измислувал сообраќајни незгоди во кој наводно учествувале нивни најблиски. Успеал да изнуди дури 40.000 евра во пари и 10.000 евра во злато.
Измамникот Н.П.С. (34) беше уапсен на граничниот премин Деве Баир. Имено, во периодот од 18.09 до 01.10. на подрачјето на СВР Скопје биле пријавени осум измами, при што од оштетените- повозрасни лица, тој успеал да одземе околу 40.000 евра и злато во вредност од околу 10.000 евра.
