Уапсени лица кои шверцувале добиток од македонска на албанска територија кај Дебар
Разбиена e група од албанскиот град Пешкопеја која шверцувала добиток од македонска на албанска територија во близина на Дебар.
Полицијата од албанскиот пограничен град Пешкопеја успешно ја финализирала акцијата „Граница”. Во рацете на полицијата „паднаа“ шверцери на ситен и крупен добиток. Добитокот го пренесувале од македонска на албанска територија преку зелениот појас во близина на граничниот премин „Блато” кај Дебар.
„Во акцијата уапсени се четири лица на возраст од 27 до 30 години, сите жители на Пешкопеја, одземено е возило со кое бил транспортиран добитокот и запленети 64 грла ситен и крупен добиток“, стои во полициското соопштение.
Добитокот прво го чувале во штали, а потоа го продавале за различни суми на пари. Продолжува работата за идентификација на други лица инволвирани во шверцот.
