Економија, финансии, бизнис

Контакт

Уапсена лихварка во Струмица, барала 15.000 евра за долг од 2.700 евра

Уапсена лихварка во Струмица, барала 15.000 евра за долг од 2.700 евра

Педесет и тригодишна жена од Струмица е лишена од слобода под сомнение за лихварство, откако била затекната при примање обележани пари како месечна камата.

Како што информира МВР, на 26 февруари во 12 часот, полициски службеници од СВР Струмица ја уапсиле Ј.Т. (53) од Струмица. Според пријавата, таа во јуни 2025 година му позајмила на жител од струмичко село 2.700 евра, а подоцна барала да ѝ врати вкупно 15.000 евра.

Оштетениот вчера остварил средба со неа за да ѝ плати 100 евра, сума која таа ја определила како месечна камата за основниот долг. Во моментот кога ѝ ја предал претходно обележаната банкнота од 100 евра, жената била лишена од слобода.

При прегледот кај неа биле пронајдени обележаната банкнота, тетратка и листови со евиденција за дадени парични износи и камати. Со судска наредба бил извршен и претрес во нејзиниот дом, каде што биле пронајдени и одземени пари во денари и евра, нотарски акти и дополнителна документација.

Од досегашните сознанија, таа во повеќе наврати давала пари на лица, при што барала несразмерни износи и остварувала противправна имотна корист.

Осомничената е задржана во Полициската станица Струмица, а за случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање, против неа ќе биде поднесена кривична пријава за „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.


Слично

Поврзани вести