Уапсен референт од Прилепската болница, проневерил 250.000 евра уплати од граѓани
Управата за финансиска полиција го уапси Д.К. во својство на службено лице од прилепската болница, кој парите на граѓаните уплаќани на шалтер ги проневерил во висина од 250.000 евра. Во текот на утринските часови од страна на службени лица на Управата за финансиска полиција пријавеното лице е лишено од слобода и истото е изведено пред судија на претходна постапка при Основен суд Прилеп. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот.
- Пријавениот во својство на службено лице, вработен на работно место самостоен референт - главен благајник во Одделение за материјално финансиско работење во Сектор за материјално – финансиски работи и сметководство при ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ Прилеп, во периодот од 01.01.2020 до 31.12.2021 година, со цел да прибави за себе противправна имотна корист, во повеќе наврати дел од наплатените и примени парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата и истите противправно ги присвоил за себе, односно за 2020-та година присвоил парични средства во износ од 6.568.726 денари и за 2021-ва година присвоил парични средства во износ од 8.494.558 денари, со што го оштетил Буџетот на ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ во вкупен износ од 15.063.284 денари, објави Финанасиска полиција.
Постапувајќи по кривична пријава од Управата за финансиска полиција, Основното јавно обвинителство Прилеп поведе истражна постапка против службеникот поради проневера.
„Тој во повеќе наврати дел од наплатените и примените парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата, не изготвил обрасци „каса-прими“ и истите противправно ги присвоил за себе со што прибавил значителна имотна корист во вкупен износ од 15.063.284 денари“, потврди и ОЈО.
