Уапсен прилепчанецот кој запали кафуле
Основното јавно обвинителство Прилеп отвори постапка по поднесена кривична пријава против 24-годишниот прилепчанец кој на 31 декември, предизвика пожар во кафе бар во центарот на градот.
Прилепчанецот се товари за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, затоа што со подметнувањето на пожарот предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето.
Осомничениот претходниот ден имал расправија со еден од вработените и со менаџерот на кафе барот „Паб корнер“, кој го напуштил без да го подмири долгот и се заканил дека ќе го запали објектот бидејќи бил навреден.
„Осомничениот купил три шишиња запалива течност и во три часот се вратил во пабот, му се претставил на вработениот хигиеничар и веднаш ја полил течноста и ја запалил. Со ваквото дејствие, осомничениот предизвикал значителна материјална штета и го сторил кривичното дело за кое го гони Основното јавно обвинителство Прилеп“- стои во соопштението од Основното јавно обвинителство.
Основниот суд во Прилеп на осомничениот му одреди мерка притвор од 30 дена.
