УАПСЕН БЛЕРИМ РАМАДАНИ НА ГРАНИЦАТА СО КОСОВО: по потерница од Србија, амбасадорот тврди нема да биде екстрадиран
Поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Блерим Рамaдани, е уапсен синоќа во Македонија, врз основна на потерница издадена од соседна Србија.
Дека Рамадани е уапсен објави Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово, од каде истакнале дека за апсењето е известен и амбасадорот на Косово во Скопје, Флоријан Ќехаја.
Амбасадорот денеска за домашните медиуми посочи дека Рамадани нема да биде екстрадиран, бидејќи имале силни аргументи.
Инаку Блерим Рамадани е поранешен припадник на оперативната зона Неродиме на Ослободителната војска на Косово, а од страна на Организацијата на воени ветерани на Косово упатен е повик до институциите на Македонија веднаш да го ослободат.
- Нашиот амбасадор во Северна Македонија, Фљориан Ќехаја, интензивно се залага за решавање на овој случај и како Министерство за надворешни работи работиме со македонските власти за брзо ослободување на г. Рамадани. МНР ќе ја информира јавноста за натамошниот развој на настаните во врска со овој случај - се наведува во соопштението.
Амбасадорот на Косово во Македонија, Флоријан Ќехаја изјавил дека земјава нема да го екстрадира во Србија, Бљерим Рамадани, кој беше уапсен врз основа на потерница за воени злосторства извршени за време на војната во 1999 година, јави „Газета Експрес“.
„Ние се занимаваме со случајот, имаме многу силен аргумент дека тоа нема да се случи. Тука сме во комуникација со новата влада, но и со правосудните органи“, изјавил Ќехаја за „РТВ Дукаџини“.
Апсењето е извршено вчера на преминот Јажинце-Глобочица, кој го поврзува Косово со Македонија.
Се уште нема официјално соопштение од домашните власти во врска со овој случај.
