Турите за Истанбул продолжуваат од јануари - БЕСА ТРАНС ПРОДОЛЖУВА ДА ОРГАНИЗИРА ЕКСКУРЗИИ
Туристичката агенција „Беса Транс“, чиј автобус пред три недели доживеа тешка сообраќајна несреќа во Бугарија и во која животот го загубија 45 македонски патници, повторно продолжува со организирање тури за Истанбул од јануари следната година, објави ТВ24.
Новинарска екипа од телевизијата се јавила на телефонскиот број на агенцијата, а оттаму одговориле дека турите за Турција продолжуваат од јануари, но дека сè уште немаат точни датуми за екскурзиите.
Трагичната несреќа се случи на 23 ноември, а инспекторите за транспорт сè уште не успеале да направат вонреден инспекциски надзор во агенцијата „Беса Транс“, бидејќи сопственикот на агенцијата бил недостапен.
Директорот на Инспекторатот за транспорт, Руфат Хусеини, во изјава за ТВ24 вели дека доставиле писмен допис до туристичката агенција со датум и време за вршење на инспекцискиот надзор.
„Вонредниот инспекциски надзор не е извршен бидејќи седиштето на ’Беса Транс‘ беше затворено. Новиот надзор согласно Законот за инспекциски надзор е закажан со писмен допис до ’Беса Транс‘. Исходот дали ќе се изврши надзорот зависи од тоа дали доставата ќе биде успешна“, вели Хусеини.
„Бирото за јавна безбедност има отпочнато Оперативна акција на државно ниво, во рамки на која во содејство со други надлежни служби се вршат контроли околу начинот на добивање на целокупната потребна документација, која е неопходно да ја поседуваат фирмите кои вршат транспорт на патници“, велат од МВР.
