Туристичкиот портал „Дискаверер“ советува: Не одете во Дубровник, одете во Охрид
Текст со наслов „Не одете во Дубровник, одете во Охрид“ објави денеска електронското издание на српски „Дневник“, пренесувајќи ја анализата на интернационалниот туристички портал „Дискаверер“ (The Discoverer).
Овој портал создал листа на пет популарни дестинации што треба да се избегнуваат поради метежот и негативниот став кон туристите. Притоа порталот препорачал и алтернативни места за посета.
„Дискаверер“ советува наместо во Дубровник, туристите да одат во Охрид.
„Наместо да се обидувате да биде среќникот што ќе добие билет за разгледување на дубровничките локации, посетете го прекрасниот град Охрид во блиската Македонија. Изобилува со шарм, од ресторани на езеро до древни цркви и манастири кои како да се наоѓаат на секој агол. Сместен на најстарото езеро во Европа, градот има богата историја која ќе ве воодушеви, посебно зашто можете да уживате без метеж“- вели патеписецот на „Дискаверер“, Џулија Хамонд.
Додава дека посетата на старото историско јадро на Дубровник е врвно доживување на кој било одмор, но метежот во тесните улички и премини сепак пречи.
