ТУРИСТИЧКА ТАКСА: Дали ова ќе ги одврати Македонците од одмор во Грција?
Од годинава сите хотели, вили, апартмани, студија и соби за изнајмување во Грција се должни на гостите да им пресметаат данок на престој, но дали тоа ќе ги одврати Македонците од летување во Грција?
Плаќањето на таква такса е воведено во хотелите од една до пет ѕвездички, како и во останатите капацитети за сместување (апартмани, соби, вили) кои примаат гости за еден или повеќе денови. Таксата за престој се пресметува како дневен фиксен износ по соба, а не по лице.
Според она што го објави Грцијаинфо, четири евра дневно ќе се плаќаат по соба за хотели со 5 ѕвездички, три евра дневно по соба за хотели со 4 ѕвездички, 1,5 евро дневно по соба за хотели со 3 ѕвездички, 0,5 евра дневно по соба за хотели со 1-2 ѕвездички и 0,5 евра дневно за приватни соби, студија и апартмани.
Од туристичките агенции во повеќе градови во Македонија велат дека работата се одвива тековно, а таксите не претставуваат проблем за туристите.
„Интересот за Грција не е намален, таа останува дестинација број еден и ова лето. Ние мораме да ги информираме луѓето, да им кажеме дека треба да платат туристичка такса, но досега немало некој од таа причина да откаже аранжман“ – велат од скопска туристичка агенција.
Од друга агенција во главниот град додаваат дека тој што решил да оди во Грција, ќе оди без разлика на таксата.
„Исто е како лани, нема промени, и не се работи за некоја голема сума кога е во прашање таксата. Луѓето прашуваат затоа што за секој хотел е различно, сакаат да знаат каде ќе треба да платат. Другите агенции имаат најмногу клиенти за Грција надвор од сезона, а ние имаме најголем интерес баш во екот на сезоната. Најверојатно одат во сезона затоа што се сигурни дека ќе биде топло и дека ќе им се погоди времето“- наведуваат од битолска туристичка агенција.
Мал број на клиенти негодуваат, додаваат од туристичка агенција во Прилеп.
„Има мал број на луѓе кои велат дека цените се и онака поскапени во Грција, па зошто сега и такса. Но, Турција и Грција остануваат најбарани дестинации за одмор. Луѓето кои редовно одат за Грција веќе знаат сè, и нема некои негодувања. Има и такви кои си уплаќаат два одмори во Грција, еден во јуни и друг во септември“- велат од прилепска агенција.
Таксата за престој ќе се плаќа при одјавување на собата, непосредно пред заминување.
Сања Атанасовска
