Економија, финансии, бизнис

Контакт

Туристи тврдат дека им барале и по 20 евра за влез во локалитетот „Куклица“

Туристи тврдат дека им барале и по 20 евра за влез во локалитетот „Куклица“

Туристи плаќале и до 20 евра за влез на локалитетот „Куклите“ кај Кратово, тврди жителот Марио Станојковски, кој преку социјалните мрежи алармираше за наводна незаконска наплата и ограничување на пристапот до овој природен феномен.

Според неговата објава, тој повторно бил спречен да влезе на локалитетот, а туристи од Косово му раскажале дека при последната посета платиле по 10 евра за влез. Тие, како што наведува Станојковски, претходно биле соочени и со барање да платат по 20 евра од лице, со образложение дека местото било приватна сопственост.

„Куклите кај Кратово се природно богатство кое им припаѓа на сите нас. Јавен простор, создаден од природата и наменет за сите. Денес повторно бев спречен да влезам“, напиша Станојковски.

Во коментари на социјалните мрежи и други граѓани тврдат дека имале слични искуства. Дел од нив наведуваат дека им биле побарани пари за влез, други дека биле вратени, а еден посетител тврди дека од неговото семејство биле побарани 240 денари за семејна карта, по што се откажале од посетата.

Станојковски ги повика надлежните институции и медиумите да излезат на терен и да проверат кој наплаќа влез, по кој основ и дали на посетителите незаконски им се ограничува пристапот до локалитетот.

Засега нема официјален одговор од надлежните институции за најновите тврдења. Доколку институциите или лицата на кои се однесуваат обвинувањата достават реакција, истата ќе биде објавена дополнително.

Слично

Поврзани вести