Турција ја одложува ратификацијата за прием на Македонија во НАТО
Турција, наводно, се заканила дека ќе ја одложи ратификацијата на протоколот за пристап на Северна Македонија во НАТО ако земјата не екстрадира 15 турски државјани кои Анкара го обвини за учеството во неуспешниот државен удар во 2016 година.
Според извештајот на веб-страницата на Балкан Инсајт, Анкара инсистира на тоа дека 15-те турски државјани се членови на мрежа што ја води самопромовираниот свештеник Фетула Ѓулен, за кој вели дека го организирал обидот за државен удар.
По потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција во јуни минатата година, постојаните претставници на земјите-членки на НАТО потпишаа протокол за пристапување на Северна Македонија во Алијансата во февруари во Брисел оваа година.
Но, заканата од Анкара сега може да ја одложи кандидатурата на Северна Македонија за пристап во Северноатлантската алијанса.
Ова прашање го покрена и турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, за време на неговата посета на Скопје на 3 април.
За време на неодамнешната посета на соседно Косово, Акар ги поднесе барањата за екстрадиција за другите турски државјани, исто така, обвинети дека се Ѓуленисти.
Балкан Инсајт анализира дека, од своја страна, премиерот на Македонија, Зоран Заев, ги отфрлил барањата на Анкара и добил поддршка од официјалните претставници на Европската унија, кои, исто така, ја повикаа владата во Скопје да ги почитува човековите права на 15-те државјани.
Сепак, според веб-страницата, министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, за време на едно неодамнешно телевизиско интервју изјави дека на нејзината земја, покрај останатите членки на Северноатлантската алијанса, ѝ е потребна и Турција за ратификација на нејзиниот протокол за пристап во НАТО.
Анкара ги зголемува тензиите со Атина од 2016 година во врска со судбината на осум лица кои Турција ги обвини за учество во државниот удар а добија азил од Грција.
Во февруари оваа година, турската државна новинска агенција објави дека владата во Анкара нудела вкупно 5,6 милиони евра за враќање на осумте офицери.
