Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Турција е моја татковина, Македонија моја дедовина – срцето ми припаѓа на двете земји“: Јусуф Емин, новинар, актер и културен мост меѓу двете земји

„Турција е моја татковина, Македонија моја дедовина – срцето ми припаѓа на двете земји“: Јусуф Емин, новинар, актер и културен мост меѓу двете земји

Понекогаш човек може да живее илјадници километри далеку од местото каде што му се корените, но срцето никогаш целосно да не замине оттаму. Таква е приказната на Јусуф Емин – Турчин кој живее во Турција, но кој со посебна љубов и носталгија ја носи Македонија во себе. Иако животниот пат го одвел во друга држава, неговиот јазик, спомените и семејната историја останале цврсто врзани за земјата на неговите предци.

Јусуф зборува македонски со искрена топлина, често се навраќа на Гостивар, Скопје и местата од кои потекнува неговото семејство, а секое враќање во Македонија за него претставува средба со дел од сопствениот идентитет. Разделен меѓу две татковини, но богат со љубов кон двете, тој носи приказна за припадноста, корените и вечната потрага по местото што го нарекуваме дом во разговорот со Женски магазин.

Јусуф отворено зборува за своето семејно потекло, животот меѓу Македонија и Турција, чувството да бидеш меѓу два света и врската која времето и далечината никогаш не успеале да ја прекинат.

- Подготвени ли сте да ја слушнете мојата необична семејна приказна? И двајцата мои дедовци потекнуваат од различни краишта. На пример, дедо ми од страна на татко ми бил од регионот Гора, од селото Рестелица. Нас нè нарекуваат Горани. И мојот дедо Јусуф, по кого го носам името, од таму се преселил во Гостивар. Дедо ми од страна на мајка ми, пак, дошол во Гостивар од регионот Маврово и Ростуше. Бабите, и од мајчина и од таткова страна, потекнуваат од стари и добро познати турски семејства од Гостивар. Во такво семејство сум роден и израснат.

Детството го поминав меѓу Гостивар и Скопје. Она што ме врзува за Македонија се моите корени, моето минато, моето семејство, гробот на татко ми и моите роднини. Кога човек еднаш ќе се оддели од местото каде што е роден, може да оди насекаде, но никаде целосно не пристигнува. Затоа овие простори се многу посебни за мене, раскажува Јусуф за Женски магазин.

Студии завршил во Турција, иако имал можност да студира во Европа. Се запишал на Универзитетот во Бремен со стипендија. Како секој млад човек, имал многу соништа и желби, но новинарството и телевизијата отсекогаш најмногу го привлекувале. Па така по полагање на одредени предмети се стекнал со стипендија.

- Не мислев дека ќе останам во Турција по завршувањето на студиите. Додека студирав, водев емисии на државна телевизија, работев како водител, учествував на многу фестивали и настани и стекнав огромно искуство. Мојот сон беше еден ден да се вратам и да ѝ служам на Македонија. За првпат ќе ја раскажам оваа приказна. Во тоа време бевме група пријатели и би сакал да ги споменам нивните имиња. Тука беа Тилјана Скендероска од Центар Жупа и Кахил Халили од Долна Бањица. Заедно дојдовме од Македонија во Турција на студии. Еден ден во Анкара дојде еден македонски турски политичар, тогашен лидер на турска партија и човек со големо влијание. Ние, како македонски студенти, подготвивме досие во кое наведовме што сме направиле за четири години, кои сме и што можеме да придонесеме. Му рековме: „Да се вратиме во Македонија, но кажете ни што нè очекува таму. Дајте ни некаква сигурност. „Тој го зема досието, го прелиста и ни одговори само: „Вратете се, па ќе видиме.“ Кога излеговме од хотелот, за жал, за нас Македонија како место каде што ќе ја градиме иднината заврши. Сите тројца одлучивме да останеме во Турција. Моето преселување беше и резултат на разочарувањето од луѓе на кои им верував.

Некои градови ги посетуваме, во некои живееме, а има и такви што засекогаш стануваат дел од нас. За Јусуф Емин, Истанбул не е само место на живеење, туку град со кој изградил длабока и нераскинлива врска. Метропола што првично го воодушевила со својата големина и динамика, а подоцна станала негов дом, негово секојдневие и простор во кој целосно се пронашол.

- Истанбул е огромен град. Навистина огромен. Сосема поинаков свет. Има место за сите, но никого целосно не задржува. Кога првпат го видов, бев восхитен. И денес сум. Но уште при првата посета почувствував дека му припаѓам. Живеев во многу убави делови од Истанбул, а денес живеам во еден од најубавите. Таму изградив круг на луѓе, живот и стандарди на кои сум навикнат. Ако бидам далеку од Истанбул повеќе од три дена, ми недостига неизмерно. Со текот на времето сфатив дека не можам да живеам никаде на друго место.

Зад секое значајно достигнување стои приказна исполнета со предизвици, истрајност и непоколеблива решителност. Успехот ретко доаѓа како резултат на случајност, тој се гради преку години посветеност, надминување на препреки и постојано стремење кон повисоки цели. Токму тоа го потврдува Јусуф со неговиот професионален развој.

- Патот не беше лесен. Дипломирав на Факултетот за комуникации при Универзитетот во Анкара, на насоката Радио, Телевизија и Филм, како трет најдобар студент во генерацијата. Потоа магистрирав во областа на новинарството. Во секоја средина во која влегував, на почетокот не бев прифатен. Доаѓав од Македонија и на многумина не им се допаѓаше што можам да бидам подобар од нив. Постојано се трудев. Се борев додека не станев најдобар. Не велам дека сум најдобар денес, но за да бидам прифатен, секогаш морав да бидам подобар од другите. Многумина се обидуваа да ме оттурнат на страна, но тоа никогаш не ме обесхрабри. Напротив, ме мотивираше уште повеќе да работам. Можеби така е кога човек доаѓа од бреговите на Вардар. Никогаш не се штедев. Работев сè додека не го постигнев она што го сакав. А кога ќе го постигнев, тоа не ми беше доволно и продолжував понатаму. Еден ден сфатив дека сум подобар од луѓе кои четириесет години ја работат истата професија. Затоа денес им благодарам на сите што ме потценуваа затоа што сум дојден од Македонија. Токму тие најмногу ми помогнаа да се развијам.

Прашањето за припадноста често е многу посложено отколку што изгледа на прв поглед. Јусуф е поврзан со повеќе култури и општествени средини, поради тоа се соочувал со различни етикети и препреки.

- Турција е мојата татковина, а Македонија мојата дедовина. Себеси се чувствувам и како Турчин и како Македонец. Но постои нешто што секогаш ме растажува – поимот „малцинство“. Во Македонија никогаш не ме гледаа како Македонец. Секогаш бев Турчин, припадник на малцинска заедница. Во Турција, пак, никогаш не бев доволно Турчин. Или ме нарекуваа Македонец, или поради мојата вера претпоставуваа дека сум Албанец. Јас многу ги почитувам Албанците, но не сум Албанец. Тешко е кога во Македонија си Турчин, а во Турција Македонец. Не сум роден за да живеам како малцинство и затоа цел живот се борам против таквите поделби. Турција е многу интересна земја. Во неа има начин на живот кој понекогаш е поевропски и од самиот запад, но истовремено има и многу традиционални и конзервативни средини. Сè зависи од тоа што бара човек. Ако сакаш европски стил на живот, можеш да го живееш. Ако сакаш традиционален живот, и тоа е можно. Сè зависи од твоите избори и можности.

Љубопитноста отсекогаш за него била движечка сила, да учиш од сè по малку и никогаш да не престанеш да се интересираш за светот околу себе. Токму таквата желба го довела до новинарството, како животна определба.

- „Тек Румели“ има посебно место во мојот живот. Таму ги доживеав највозбудливите години од мојата професионална кариера. Кога почнав да работам, мојата задача беше само да преведувам вести на турски јазик. По една недела станав репортер. По еден месец започна да се емитува мојата прва емисија „Севдалинка“. Подоцна реализирав политички, културни, документарни и многу други програми. Тоа беше место каде што многу научив и професионално созреав. И таму морав да се борам за своето место. Во времето кога работев, „Тек Румели“ беше најголемиот и највлијателен балкански телевизиски канал, следен од милиони гледачи. За жал, по моето заминување телевизијата постепено ја изгуби својата сила и денес е во многу потешка состојба. Но во тие години, кога ќе се споменат Балканците, првата асоцијација беше „Тек Румели“. Горд сум што бев дел од таа приказна.

Продолжува на Женски магазин....

Слично

Поврзани вести