Економија, финансии, бизнис

Контакт

Турци ќе воведат електронска наплата на патарините по Коридорот 10

Турци ќе воведат електронска наплата на патарините по Коридорот 10
Турска компанија ќе ги модернизира патарините по Коридорот 10 и ќе воведе систем за електронска наплата на патната такса. Според Министерството за транспорт и врски, станува збор за компанијата „Аселсан“, која победила на тендерот за оваа зделка. „Аселсан“ ќе склучи договор со Јавното претпријатие за државни патишта, а во рок од 18 месеци треба целосно да го стави во функција новиот систем за електронска наплата на патарините. Овој систем за електронска наплата е предвидено да се реализира преку маркички и смарт картички, а системот автоматски ќе врши и категоризација на возилата. Смарт картичките ќе бидат по можност при пеид и пост пеид, а во прво време ќе се продаваат во кабините на наплатните станици. Во втората фаза тие ќе се продаваат на бензиските пумпи и други малопродажни објекти. „Со изведбата на овој проект ќе се овозможи брз проток на возила низ патарините, ќе се исклучи човечкиот фактор, плаќањето во кеш нема да е дозволено, а ќе се избегне и можноста за неплаќање на патн такса. Модернизацијата и новиот систем на наплата ќе овозможи и избегнување на тесните грла посебно во летниот период“, уверени се од Министерството за транспорт и врски. Освен електронската наплата, проектот предвидува проширување и модернизација на наплатните станици Романовце, Петровец, Сопот, Отовица и Градско. Патарините Романовце и Градско ќе добијат и нови локации, односно ќе бидат дислоцирани неколку стотини метри поради зголемување на бројот на ленти за наплата од постојните пет на 10, како и поради изградбата на новиот експресен пат Градско-Прилеп. Вредноста на инвестицијата е 18,7 милиони евра од кои 15 милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.  
Слично

Поврзани вести