ТУРБО РАБОТА ВО РИБАРНИЦИТЕ: Граѓаните се спремаат за Свети Никола – кои видови риба се најбарани?
Граѓаните се спремаат за славата Свети Никола, која се слави идната недела, а во тек се и божиќните пости и е потребна посна храна. Во рибарниците има голем број муштерии кои набавуваат риба за славата. Се работи за посна слава и рибата е неизбежна на трпезата. Од рибарниците објаснуваат дека најмногу се продава осличот.
„Ослич, пастрмка, стандардно се трошат. Осличот е 190, зависи од квалитетот, а пастрмката е од 390 и 410 денари. Со години тие два вида на риба се трошат. Некој купува 1, некој 10 килограми, кој како му е џебот. Лососот е 1.200 денари, него поретко го земаат. После Бадник е мртов период, нагло паѓа продажбата по 6 јануари“, објаснуваат од скопска рибарница.
Вообичаено, граѓаните купуваат од најевтините риби. Повеќето не можат да си дозволат да купат лосос за слава.
„Пастрмката, осличот и скушата најмногу ги бараат. Евтини се. Луѓето ја гледаат цената при купување. Лосос нема да земе никој за слава. Овие денови имаме многу работа“, додаваат од друга скопска рибарница.
Сепак, пандемијата на коронавирусот ја намали социјализацијата, а со тоа и одењето на слави не е како порано и потрошувачката на риба е помала за разлика од пред 5 или повеќе години. Ова го забележале вработените во рибарниците.
„Ослич, крап и пастрмка се најпродавани видови на риба. Крапот е околу 400 денари. Најчесто бараат поевтини риби. За славите ги купуваат евтините. Земаат од 2 до 5 килограми. Овие денови до Бадник има работа. За слави, лососот не го земаат, туку за семеен ручек кога се собираат домашните и можат да си дозволат поскапа риба. Кога се работи за повеќе луѓе, бираат поевтина варијанта. Пред короната многу повеќе купуваа, после тоа многу малку, сега донекаде се стабилизира состојбата, но пак не е како пред короната“, велат од велешка рибарница.
Рибарниците обично нудат и опција тие да ја исепчат и испржат рибата.
„Славиме Свети Никола и за празникот купуваме по неколку килограми риба, ослич. Пред и за Бадник исто пак купуваме уште по 3 или 4 килограми риба. Едноставно, зимата е период од годината кога консумираме риба. За празникот постиме барем една недела“, вели Тања Атанасовска, граѓанка.
Ако ги погледнеме податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), тие покажуваат дека во последните неколку години едно македонско домаќинство консумирало од 20 до 24 килограми свежа и замрзната риба годишно. Преработките од риба кои граѓаните ги консумирале на годишно ниво се до 3.1 килограми.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/aleksandarlittlewolf
