Тунтев: Со 10 пратенички групи ВМРО ДПМНЕ го понижува Собранието
„Денешната вест дека ВМРО-ДПМНЕ ќе формира дури десет пратенички групи во Собранието не е ништо друго освен класична блокада на работата на Собранието на Република Македонија. Тоа значи блокирање на реформите и оневозможување граѓаните да ги добијат потребните сервиси и услуги од државата. Со ваквата блокада ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се однесува лицемерно, себично, неодговорно и на директна штета на граѓаните.“, вакво обвинување изнесе на денешната прес конференција Томислав Тунтев кој е координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието на Република Македонија.
Тој посочи дека парламентарното мнозинство, предводено од СДСМ, ќе направи се за да не застанат реформите за кои гласаше мнозинството од граѓаните и кои носат добро за сите.
„Граѓаните заслужуваат повисока минимална плата и просечна плата, заслужуваат институции што се во нивна служба и заслужуваат нови работни места и правда за сите“, рече Тунтев.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ ги повика ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од ваквиот, како што рече „несовесен потег што всушност претставува понижување и девастација на институцијата Собрание, понижување на граѓаните и демократските вредности и е спротивен од државните и интересите на граѓаните“, порачувајќи дека граѓаните, титу државата не смеат да бидат заложници на неколку лица од раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои поради исклучиво сопствени хирови сакаат да ја блокираат целата држава.
