Тунтев е нов „партиски камшик“ на пратениците на СДСМ
Томислав Тунтев пратеникот од Охрид ќе биде новиот координатор на пратеничката група на СДСМ. Оваа функција популарно се нарекува и партиски камшик бидејќи освен процедуралните обврски за координација со претседателот на Собранието има и задача да ги обезбеди и усогласи гласовите од страна на пратениците.
„Да се биде предложен и избран за координатор на пратеничка група во Собранието на Република Македонија претставува огромна чест. Но, колку што се големи честа и задоволството, уште поголеми се одговорноста и обврските.
Само со заедничка соработка со сите пратеници и пратенички групи, со меѓусебна почит и разбирање, со професионално и совесно однесување и со посветено реализирање на работните задачи, можат да бидат постигнати зацртаните цели, што се во интерес на сите граѓани на Република Македонија.
На тој начин очекувам овој пратенички состав да испише многу славни страници во нашата историја, со кои ќе се гордееме и ние, и нашите деца, и сите граѓани во државата, кои очекуваат суштински реформи и подобар живот за сите, живот во Македонија“, изјави Тунтев за OhridNews.
СДСМ која сега ја предводи Владата на Република Македонија ќе зависи од мнозинството во Собранието на Република Македонија за поддршка на новите закони кои ќе се носат, како и за ветените реформи.
