Тунтев 10 години сонувал на власт да дојде премиер како Заев
Во изминативе 10 години имав сон дека ќе дојде премиер кој ќе рече дека ни е важна развојната компонента, важен ни е економскиот развој, вели шефот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.
„Ја чувствувам вашата поготвеност, но и на оваа Влада, посебно со последниве мерки“ - рече Тунтев.
Тунтев денеска во Собранието му се обраќаше на Зоран Заев со цитати од Мартин Лутер Кинг и со пофалби.
Тој не постави дополнително прашање, но четирите минути предвидени за тоа ги искористи да му се обрати на премиерот Заев дека како локал патриот ќе ја следи работата на Владата и министерствата.
„Како охриѓанец, како локал патриот, како пратеник и координатор на пратеничка група, во име на сите граѓани, во име на Македонија ќе можам да ви ветам дека будно ќе ги следиме активностите на надлежните министерства и ќе реагираме“- рече Тунтев.
На прашањата за УНЕСКО, Заев кажа дека претходно ги добил и истите ги одговори. Заев во предизборниот период велеше дека нема да дозволи да се злоупотребува говорницата, а пред два месеца, кога ВМРО-ДПМНЕ најави блокада на Собранието, потенцираше дека нема намера да одговара на прашања од владејачкото мнозинство.
