Тунева: Нападите и заканите кон новинари се дел од репертоарот на диктаторските режими
Дали упатувањето закани кон новинарите од страна на институциите може да стане метод со кој ќе се спречува известувањето за теми и прашања од интерес на јавноста? Ова прашање го отвори неодамнешниот инцидент во Министерството за надворешни работи кога претставникот на МНР во текот на прес конференцијата на посредникот Метју Нимиц, се обиде да го спречи новинарот на ТВ21 да постави прашање.
Д-р Марина Тунева, извршен директор на Советот за етика во медиумите и професор по односи со јавноста, за Фактор вели дека оваа „слобода“ во однесувањето кон новинарите од страна на претставник на институција, апсолутно може да се разбере како ограничување на слободата на изразување на самите новинари. Нападите и заканите кон новинари според неа се тактика што е дел од репертоарот на диктаторските режими ширум светот. Притоа новинарите кои што не се придржуваат до дозволената линија се етикетираат како некомпетентни, политички мотивирани, дрски. Оттука вели дека не смееме да дозволиме тој репертоар да се игра на наша сцена.
“Нападот кон новинарите, во која била форма, си има своја цена. Со ваквото однесување кон новинарите, претставниците на институциите го „нормализираат“ потценувачкиот пристап кон медиумите и отвораат можност и другите да ги повторат таквите практики, а и тие самите”- вели професорката Тунева.
Според неа потребни се обуки за вработените во министерствата и институциите кои се директно секојдневно поврзани со медиумите, за тоа како треба да се однесуваат нивните вработени, бидејќи смета дека на тој начин ќе обезбедат зајакнување на капацитетите на полето на комуникација со медиумите, но и воопшто во комуникацијата со јавноста.
“Се случувало кога работиме со претставници на различни институции да забележиме дека сериозно им недостигаат или им се потребни вештини за комуникација со јавноста. Се разбира, тоа било забележливо во една контролирана средина. Но, мора да имаме предвид дека тоа што се случува зад затворени врати многу лесно може да излезе и надвор, кога станува збор за вистинска комуикација со јавноста”- додава проф. Тунева.
Недоличното однесување кон новинарот има импликација и врз јавниот углед на институцијата. Новинарите се претставници на јавноста, а институцијата е одговорна за она што го прави кон сите граѓани. Секој претставник на институцијата, без разлика дали е директно одговорен за комуникација со јавноста, како што вели мора да дејствува на начин што е конзистентен со угледот на институцијата.
“Штетите врз угледот многу лесно може да бидат направени како последица на различни грешки, а во таквите грешки може да се вброи и случајот со новинарот на ТВ 21. Во таа насока, не е доволно што МНР изрази жалење за случајот. Јавната реакција дојде ден потоа. Тоа не смее да биде така. Нема оправдување и време за чекање кога станува збор за одговорност и отчетност кон јавноста. Со ситуациите од овој вид треба да се управува ефективно, затоа што во спротивно тие управуваат со угледот на институцијата”- потенцира директорката на Советот за етика.
Новинарите и медиумите според неа имаат суштинска улога во процесот на демократизација на општеството. Ним мора да им биде овозможено својата работа да ја вршат без какви било притисоци, од кои било актери во општеството.
“Најмалку од се’ им е потребна ’дресура’ за да се придржуваат на одредени имплицитни правила за кои после одредено време нема да бидат потребни закани. Ова не е игра на „давање и земање“. И самите новинари не треба да дозволат да бидат заплашувани со моќ или позиција. Правилата и редот на институцијата при организирање јавни настани се претставуваат на професионален и достоинствен начин, преку доследно почитување на деловната етика. Ова не беше таков случај и тука нема оправдување. Да потсетиме дека и во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права државата е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување”- нагласува проф. Тунева.
Слободата на медиумите смета дека треба да се третира како апсолутна вредност. Слободните медиуми може да бидат добри или лоши во својата работа, но она што е сигурно, вели е дека без слобода, медиумите нема да бидат ништо друго – освен лоши! А, за враќање на слободата потребно е дијалог меѓу сите страни, но и дејствување на повеќе фронтови.
“Да се надеваме дека овој поединечен случај нема да ги потврди долгогодишните констатации во различни домашни и меѓународни извештаи околу состојбата со медиумите и слободата на изразување во државата, што, меѓу другото, се однесуваа и на наметнувањето притисоци, уцени, закани, ограничувања од различни центри на моќ... Се надевам дека исклучокот нема да го потврди правилото што долго опстојуваше. Оваа ситуација треба да послужи како добар пример за тоа како НЕ треба да се однесува институцијата и да разбере КАКО треба да постапува во иднина, со цел да ја заштити слободата на изразување и да го поддржи известувањето од интерес на јавноста”- вели проф. Тунева.
Медиумите како што вели може да имаат позитивна улога во процесот на консолидација на демократијата само доколку постои средина што им го овозможува тоа. Независноста на медиумите, според Тунева ќе биде загарантирана ако медиумите се ослободени од интервенции и притисоци од сопствениците на медиумите, државата и различни центри на моќ и ако дејствуваат во компетитивен амбиент. Оттука, потребно е заштита на правата и слободата на медиумите, засилување на нивната одговорност и професионално однесување, градење на нивниот капацитет, поддршка на саморегулацијата, либерализација на медиумскиот пазар, дистанцирање на медиумите од власта и нејзините институции. Креаторите на медиумската политика, порачува професорката по односи со јавноста, треба да дозволат и поддржуваат еден отворен простор или форум во кој се слушаат и прифаќаат мислењата на различни групи и поединци кои дејствуваат во оваа сфера. Ред прашања кои бараат добар ред и волја во нивното решавање.
С.Б.