Економија, финансии, бизнис

Контакт

Туфегџиќ: Голем број на неопределени не гласаа поради неефикасност на институциите

Туфегџиќ: Голем број на неопределени не гласаа поради неефикасност на институциите

Драмата во два чина претседателски избори е веќе зад нас. Останува партиите и експертите да анализираат како гласаа граѓаните и што понатаму со оваа поддршка која ја добија кандидатите и нивните коалиции, но сега на ред ќе биде полетувањето на „метлата“, засукувањето ракави за сериозни и длабоки реформи кои треба да го променат начинот на владеење во Северна Македонија, како и поголемата одговорност која ќе се очекува од СДСМ која ја има апсолутната власт во државата. За потенцијалите на претседателството на Пендаровски, за барањата и очекувањата на независните граѓани, особено тие кои ги поставија вредностите на Шарената револуција, за враќањето во полн погон на Собранието и институциите, како и за функционирањето на коалициите разговараме со пратеничката Ивана Туфегџиќ.

Што е клучно за победата на Стево Пендаровски, дали „метлата“ која ја најави премиерот Заев за расчистување со неспособните кадри,или пак поголемиот ангажман на коалициските партнери од албанскиот блок пред се на ДУИ?

Туфегџиќ: Најпрвин сакам да се заблагодарам на сите кои гласаа на овие избори и да истакнам дека јас дебатата за “контингенти албански гласачи”, “испорачување на гласачи” и слично не ја прифаќам. Убедена сум дека сме созреани како општество да зборуваме за граѓани од различна етничка припадност кои носат одлука најпрвин дали ќе гласаат, а потоа и за кого и мислам дека после овие избори навистина е време да се напушти наративот на контингенти, испорачување, кој колку, зошто и така натаму, туку да зборуваме за граѓани кои поддржале идеја и концепт кој мислат дека е правилен. Сигурно дека имаше улога тоа што премиерот најави дека ја сфатил и сериозно ја прифатил пораката од гласачите кои во првиот круг, па делумно и во вториот круг, не излегоа на гласање. Поминавме низ тешки предизвици во изминатиов период, кои што иако не беа лесни за граѓаните, тие сепак ги прифатија и ги поддржаа гледајќи ја иднината на државата. Малите слики и личните интереси на поединци кои се протнуваа додека сите се занимававме со големата слика се можеби најголемата причина за незадоволството искажано преку негласање на изборите. Сега повеќе нема изговори за одредени кадровски промени, мобилизирање на сите професионални и човечки ресурси во градењето и реформите на институциите. Отвореноста за критика е исклучително важна во процесот на демократизирање на општеството, на што впрочем сведочиме овие две години, а верувам дека критичката јавност будно ќе ги следи процесите.

По „млакиот“ резултат во првиот круг на владејачката коалиција се истакнуваше дека неопределените гласачи, добар дел од нив учесници и во Шарената револуција упатија лекција. Успеа ли Пендаровски да ги освои нивните гласови, каква ќе биде сега неговата одговорност да биде навистина претседател на сите и да ги реализира идеалите за правна држава?

Туфегџиќ: Резултатот во првиот круг дефинитивно може да биде гледан како лекција, иако и во вториот круг не се мобилизираа значителен број на неопределени граѓани. Јас тоа не би го врзувала со ниту едно протестно движење, иако точно е дека голем број активисти од протестните движења изразија незадоволство од начинот на владеење. Мислам дека проблемот е потемелен од кадровската политика, иако таа е највидлива. Не верувам дека тоа се должи единствено на функционери кои не креваат телефон, туку многу повеќе на неефикасност на институциите да одговорат на потребите на граѓаните, и сметам дека на овој проблем мора многу да работиме. Претседателот Пендаровски ќе има тежок и сериозен предизвик во градењето мостови со сите граѓани во земјата која се уште е поделена по различни основи. Обединувањето во однос на идеи и прашања кои мобилизираа илјадници граѓани, како што е владеењето на правото, аерозагадувањето, корупцијата, иселувањето, начинот на функционирањето на системот, ќе мора да бидат на врвот на агендата на Претседателот. Она што е важно и што јас лично го очекувам од него е да биде сојузник со граѓаните, заедно со нив да нуди решенија, да критикува и да биде столб на кој тие ќе може да се потпрат.

СДСМ сега ја има целосната власт на локално и централно ниво, како и мнозинство во Собранието. Постојат ли сега поголеми шанси за злоупотреба на власта и како вие како пратеничка би делувале против такви тенденции?

Туфегџиќ: Шанси за злоупотреба на власта секогаш постојат. Сепак, во изминатиов период ние бевме посветени и на креирање ефикасни механизми за спречување, како што е начинот на избор на составот на Антикорупциска, нешто што сметам дека треба да ни биде пример и во избор на останати независни регулаторни тела. Поддршката во институционална и финансиска смисла на овие регулаторни тела е клучна за спречување на обиди за злоупотреба на власта. Не помалку важно е во наредниот период да се засили надзорот на Собранието врз извршната власт (патем една од клучните функции на Собранието); партнерството со граѓанското општество и со медиумите за и тие да можат преку нас да вршат надзор, ќе го направи надзорот на Собранието врз извршна власт поефикасен. Добро е што од кризата во изминатите години, јавноста стана посензитивна и со широко отворени очи будно ја следи работата на власта. Тоа е една придобивка која ќе помогне и во процесите на демократизација, транспарентност, но и бараните промени во начинот на владеење.

Претседателските избори завршија, сега на ред ќе бидат преостанатите итни реформи кои се исклучително важни како за изградба на демократски институции и владеење на правото за сите граѓани, така и за брзината со која може да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ. Каква ќе биде агендата на пратениците?

Туфегџиќ: Како што погоре напоменав, јас сметам дека ќе мораме многу да се посветиме на јакнење и спроведување на надзор за спроведување на законите, покрај легислативната реформска агенда која ја имаме. Начинот на спроведување на законите и реформите мора да ни бидат главен фокус, за да може навистина она што е напишано на хартија граѓаните да го почувствуваат и на терен. Овој состав има зголемен број на јавни расправи, но надзорни расправи досега, за важни теми досега има направено само Комисијата за култура.Наредниот период ќе работиме, верувам, повеќе на зголемување на теренските посети од страна на собраниските комисии  на институции, установи, изготвување препораки како и повеќе надзорни расправи за суштински теми од интерес на граѓаните заради зголемување на функционалноста и ефикасноста на институциите.

Х.С.

Слично

Поврзани вести