Туфегџиќ бара казна за насилниците за да не се повторат настаните од 27 април
Пратениците Ивана Туфегџиќ и Томислав Тунтев од СДСМ денеска сведочеа во Јавното обвинителство за настаните во Собранието од 27 април.
Туфегџиќ бара обвинителството да ги преземе сите мерки за казнување на напаѓачите, за кои вели дека имале намера да убијат неколку пратеници.
Таа изјави дека на 27 април, во Собранието имало терористички елементи кои е неопходно да се казнат од секоја институција за тоа да биде пример и во иднина да не се повторат вакви настани.
Таа преку телевизиските снимки ги препознала напаѓачите.
Тунтев рече дека иако не бил повреден, преживеал „длабока траума која што долго време ќе му остане во сеќавање“.
Пратеникот не верува дека ова Јавно обвинителство ќе ги уважи нивните сведочења. Тој се надева дека новиот состав на Јавното обвинителство ќе го преземе предметот за случувањата на 27 април во Собранието и ќе дејствува во согласност со законите.
