ТУФЕГЧИЌ БАРА КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ЃОРЧЕВСКИ: Не е оправдана ниту една мерка за таткото на Вања
Одбраната на таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски побара куќен наместо затворски притвор за него.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на убиената Вања Ѓорчевска, бара куќен притвор за неговиот клиент, кој е меѓу осомничените. За таткото, Обвинителството соопшти дека споделувал информации со извршителите на убиството за движењето на неговата ќерка.
Како што кажа Туфегџиќ, не е оправдана ниту една мерка за таткото на Вања. Вели дека до надлежниот Јавен обвинител е доставена ургенција за постапување.
„Иако истакнавме посебен предлог за замена на мерката притвор во мерка куќен притвор, свесен сум дека постапката околу укинувањето на притворот ќе трае. Иако кон осомничениот не е оправдана ниту една мерка, сепак со мерката куќен притвор ќе се задржи кохезијата на семејството кое е длабоко погодено со оваа трагедија“, изјави Туфегџиќ.
Ѓорчевски се наоѓа во притвор во Скопје, а Обвинителството ја води истрагата за убиството на неговата 14-годишна ќерка која беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември лани.
Во притвор се и осомничените Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се товарат за соучество во убиството, кое според првичните информации, го извршил Љупчо Палевски Палчо, кој е во привремен затвор во Турција.
Шестоосомничениот кој е во притвор, е Стефан Димковски кој се сомничи дека му помогнал на Палчо да избега во Турција.
Палевски избега во Турција и таму полицијата го уапси во градот Баликесир.