Цените растат, животниот стандард паѓа, а инфлацијата е стабилна!?
Според проекциите на Народната банка, инфлацијата годинава нема да надмине 3,5%, но неизвесно е дали оваа проекција ќе претрпи корекции откако стана јасно дека цените до крајот на годината ќе бидат тотално непредвидливи.
Само во првиот месец од годинава статистиката регистрираше пораст на трошоците на живот од 3,8% во споредба со ланскиот јануари. Најмногу се зголемиле трошоците за облека и обувки, за близу 11%, па за огрев, домување, храна... Прехранбените производи поскапеле за 3,3%, додека цената на алкохолните и безалкохолни пијалаци се зголемила за 3,2%
Пред два дена се зголеми и цената на бензините за 2,5 денари што сигурно ќе поттикне отворање на инфлаторната спирала бидејќи цените на енергенсите се главен трошок за бизнисот. Во вакви услови, менаџерите ќе бидат принудени да ги поскапат своите производи, а штом се зголемат потрошувачките цени, очекувано ќе се намали и побарувачката, што пак од друга страна, за компаниите ќе значи стагнирање на бизнисот.
Народната банка пак, прогнозира дека променливоста и непредвидливоста на светските цени на примарните производи, како и се уште неизвесното надворешно окружување и понатаму остануваат главни извори на ризици.
„Годинава ќе имаме повисоки увозни цени на храната, што значи трошоците за живот ќе бидат повисоки , а стабилизирање се очекува дури во 2014-та. Цените на храната се очекува да растат до средината на 2013-та“, изјави Димитар Богов, гувернер на НБРМ.Високиот раст на цените на храната, енергенсите но и на услугите во комбинација со платите кои се одржуваат на исто ниво, значително придонесува за намалување на стандардот на граѓаните, доведувајќи ја до раб егзистенцијалната издржливост на голем број домаќинства. Експертите сметаат дека зголемувањето на цените на производите ќе продолжи и во иднина, а се додека земјава не почне повеќе да произведува одошто увезува, нема начини како да се влијае на поскапувањата.
„Неопходни се субвенции во оние гранки кои можат повеќе да произведуваат, бидејќи ваква каква што е, состојбата воопшто не е добра. Платите се исти а трошоците се зголемуваат, единствено инфлацијата се држи на пристојно ниво и тоа е така само поради фиксниот курс на денарот но и на задолжувањата на Владата. Влезот на свежи пари однадвор и тоа како влијае на одржувањето на инфлацијата која врти околу 3%“, вели Висар Адеми, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа.Според проекциите на Народната банка, инфлацијата годинава нема да надмине 3,5%, но неизвесно е дали оваа проекција ќе претрпи корекции откако е јасно дека цените до крајот на годината ќе бидат тотално непредвидливи. С.Н.
Слично
