Труење со салмонела кај 38 вработени кои јаделе во фабрика во Прилеп
Институтот за јавно здравје во текот на минатиот месец добил пријава за епидемија со труење на храна во Прилеп предизвикана од бактеријата салмонела. Епидемијата била пријавена се вкупно 38 заболени лица кои консумирале иста храна во фабрика во Прилеп, a Институтот дознал после 6 дена.
Центарот за јавно здравје Прилеп ги регистрирал сите 38 случаи на заболени лица. Тројца од заболените биле хоспитализирани.
„Од пет заболени лица се земени материјали за испитување на копрокултура и кај две лица е изолирана Salmonella enteritidis“, велат од ИЈЗ
Во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), ЦЈЗ Прилеп спровел санитарно-хигиенска контрола во кујната на добавувачот на храна и во трпезарискиот дел на фабриката. Притоа се земени мостри од жива и нежива средина за микробиолошка анализа.
„Објектот за припрема на храна беше затворен до добивање на негативни резултати од земените материјали. Епидемијата е одјавена на 11 јуни 2025 година“, соопшти ИЈЗ.
ЦЈЗ Прилеп предложил соодветни санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, меѓу кои редовно одржување хигиена, правилна манипулација и складирање на храна. Истиот месец, пријавен е и случај на салмонелоза кај државјанин од Србија, кој привремено престојувал во земјава.
