Tруење со храна во РЕК Битола – 81 вработен заврши во болница
Дури 81 вработен од РЕК Битола денеска побарале итна лекарска помош во Клиничката болница во Битола поради симптоми на труење со храна. Сите пријавиле слични стомачни тегоби по консумирање на оброк во кујната.
Специјалистот инфектолог, д-р Хараламбос Сидиропулос, потврди дека на сите лица им е укажана помош, а најголем дел се пуштени на домашно лекување со лесна клиничка слика.
„Сите се со иста клиничка слика и како причина наведоа конзумирање на храна лазањи со сос во кујната на РЕК Битола“, изјави Сидиропулос за медиумите.
Според информациите од болницата, на одредени лица им е дадена инфузија, додека едно лице поради тежината на состојбата е задржано на Интерното одделение за понатамошна терапија. Надлежните институции веќе се на терен и вршат детални анализи на храната.
