Трипков: Ако се турка бетонизацијата на Расадник ќе следи граѓански отпор каков што досега не виделе
Во последната година од мандатот се прават обиди да се „протурка“ спорниот ДУП кој Расадник во Кисела Вода ќе го претвори во нов мал град со нови 25 илјади жители. Наместо заеднички простор, рекреативни и јавни содржини ќе никнат голем број на згради во предел кој и онака има оптоварена инфраструктура, собраќајен хаос и високо загадување на животната средина.
Битката ја водат граѓанските активсти од „Расадник за можности“ кои бараат урбано и хумано планирање на спорните парцели за одржливо живеење на сите жители на населбата, но и на општината во целина. Во пресрет на локалните избори и штетните политики на локалната власт разговараме со Лазе Трипков еден од членовите на „Расадник за можности“ кој најавува силен граѓански отпор.
На кој начин ќе продолжи борбата за спас на Расадник од можните планови кои предвидуваат речиси 30 илјади нови жители, практично еден цел нов град да се изгради на територија на општина Кисела Вода со непочитување и на минималните урбанистички стандарди?
Трипков: Граѓанската иницијатива Расадник на можности е формирана во 2016 година кога за прв пат од страна на општината Кисела Вода беше предложен Детален урбанистички план за Расадник (Ј14). Во оваа иницијатива членуваат пред се загрижени граѓани, симпатизери на едната или другата опција и неопредели. Но, кога се работи за здравјето и хуманиот живот во Расадник, сите се единствени во своите ставови дека ова последно зелено парче во градот мора да се спаси по секоја цена.
По успешното блокирање на донесувањето на планот во 2016 година, се надевавме дека новата општинска власт ќе го послуша гласот на народот. Но, се случи обратното.Наместо повеќе зеленило новиот градоначалник дополнително ја зголеми висината на објектите до фантастични 50 метри и скоро ја дуплираше бруто развиената површина за градба. Граѓанската иницијатива во изминативе 4 година, дури три пати го доведуваше во прашање донесувањето на ваквиот план, а сега сме сведоци на налет на градоначалникот на Кисела Вода, кој изминатиов период објави на веб страната и повик за јавна расправа за неколку други ДУП-ови, дека и по четврт пат ќе се обиде да го бетонизира Расадникот. Спремни сме и го чекаме, верувајте, ќе се соочи со најголемиот отпор што некогаш го видел.

Кисела Вода иако е една од централните скопски општини во изминатите децении потона целосно во урбанистички хаос. На местата на малите куќи никнаа згради, инфраструктурата е преоптоварена, сообраќајот е затнат и опасен со постојани жртви, а има се помалку јавни објекти од заедничко добро. Може ли граѓанската иницијатива да се спротистави на хаосот и лошото менаџирање со општината?
Трипков: Иницијативата „Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода“ е отворена за соработка со општинските власти, но за жал досега сите политички партии потпишуваа платформи со невладиниот сектор. Но, веднаш по запоседнувањето на функционерското столче, истите волшебно се забораваа. Пред изборите во 2017 година и актуелното раководство на општината потпиша договор, со кој вети дека ќе се почитува желбата на граѓаните за здрав и хуман живот и Расадник со многу зелени површини, но за жал, веќе наредната година се заборави... Зошто? Едноставно, беше објавен предлог ДУП за Расадник со над сто градежни парцели за колективни згради во кои би живееле над 25.000 нови жители.
Настапуваме партнерски со сите и општинската власт, но не сме наишле на конкретен фидбек и никој не одговори на повиците. Затоа, преку нашата ФБ страната „За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода, секојдневно алармираме за разни проблеми во општината, од обележување на пешачки премини, крпење на дупки, до санирање на депонии кои никнуваат како печурки, а истите се непосредно до училиштата и градинките. Како и алмармирање на надлежните органи за прекумерно и бесправно градење, односно градење спротивно на одобренијата за градба, патем со незаштитено и обезбедено градилиште. Сведоци сме на многу случки во изминатиот период кои го потврдуваат токму ова. Граѓаните ја препознаа нашата посветена работа и секојдневно, ни пријавуват различни општински проблеми, па оттаму и го носиме епитетот од народот дека во отсуство на комуналната инспекција, ние ја „покриваме“ таа општинска фалинка.

Дел од сопствениците на парцели во Расадник велат дека имаат право на развој на нивното земјиште и решавање на долгогодишните имотни спорови. Можно ли е балансирано решение кое ќе го облагороди просторот како за комерцијален развој, така и за заеднички содржини, паркови, плоштади, образовни и културни установи, пешачки и велосипедски зони, детски игралишта и поликлиника?
Трипков: Приватната сопственост е загарантирана со уставот и ние не се мешаме во тоа право. Во Расадник 70% од земјиштето е приватна сопственост, но 30 % е државна сопственост. Со досега предложените урбанистички планови се предвидува 98%, по пат на дооформување на земјиштето, за да стане приватно, додека само 2% се предвидува да бидат зеленило. Главното барање на жителите на Расадник, е, државно земјиште кое е 30% од вкупното земјиште, да биде наменето за Зеленило и оттука нема да отстапиме, ни за милиметар. Според ГУП на град Скопје во Расадник може да живеат максимум 8000 жители, а со досега предложените планови се предвидуваа нови 25 илјади жители во Расадник со што животот би станал тотално неподнослив.
На последниот протест кој се организираше против спорниот ДУП, јасно и гласно ги постави своите барања, а тое се: организирање на меѓународен конкурс за идејно решение за ДУП Расадник, надобрите три решенија да се стават на локален референдум и од граѓаните избраното решение да биде новиот план за Расадник.

Кисела Вода е и скопскиот Лас Вегас. Присуството на огромен број на коцкарници и казина го кочи економскиот развој на општината, заедницата не добива ништо друго освен место за развој на пороци. Дали меѓу вашите заложби ќе биде решавање на овој проблем?
Трипков: Ние како иницијатива сме против отворање коцкарници и слот машини, во населени места. Кисела Вода, како и сите други скопски општини се преплавени од коцкарници, буквално ги има на секоја улица. Каков амбиент и наратив тие промовираат?
Метеж, турканици, тепачки, искршени флаши и ѓубре е секојдневната слика, адополнително што истото се случуваво близина до училиштата и градинките, како и во часовите за одмор на граѓаните. Не само што оставаат лош впечаток, туку и поттикнуваат дејности кои се строго забранети и посебно уредени со законски регулативи, во други многу посериозни држави. Затоа „Расадник на Можности“ апелира до централната власт да донесе Закон со кој коцкарниците и слот машините од спортските обложувалници ќе се дислоцираат надвор од градовите.
Се чини дека незадоволството на добар дел од жителите на Кисела Вода е големо, но граѓанското организирање и унапредување на заедницата е занемарено од самите граѓани. На што се должи тоа, партиски калкулации, страв, незаинтересираност или апатичност?

Трипков: Годините недоверба спрема сегашната и поранешната локална и централна власт, не натераа да се организираме и да преземеме сериозни чекори.Сфативме дека без било каков ангажман, не може да се реализираат и спроведат нашите заложби и очекувања. Упорноста и интересот на граѓаните ни е приоритет и се трудиме да ги истакнеме тие вредности. Веруваме дека се можни промени, кои ќе бидат поттикнати единствено од граѓаните и од нивите потреби. Многу често се обидувале да ја злоупотребат нашата иницијатива, за политички да не дискредитираат, дека сме за една или друга партија, но ние, нашиот имиџ го изградивме на најважниот столб во населеното место, а тоа е соседот и вредностите на взаемно почитување.
Треба да учествуваме во изработка на плановите и да бараме права за нашите потреби и приоритети. За овие локални избори, многу граѓански иницијативи решија да пробаат преку независни листи да се вклучат во системот и директно да влијаат во работата на општинските власти. Можеби истите нема да освојат мнозинство во советите,но,многу е значајно како ќе делуваат и дали ќе останат на граѓанските принципи и заложби, за да го зачуваат интегритетот и надежта... Нашиот став, односно ставот на иницијативниот одбор на „Расадник на можности“ едека остануваме натпартиска граѓанска иницијатива, но тоа незначи дека доколу граѓаните на Расадник побараат, дека нема да излеземе со своја платформа.
Х.С.