ТРПЕЛИВО ЧЕКАА, А СЕГА ЌЕ СТАНАТ НОВИ ПРАТЕНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО - кој ќе седне на испразнетите собраниски столчиња на идните градоначалници
Дел од пратениците во Собранието дефинитивно стануваат градоначалници, и тоа со освоени победи уште во првиот изборен круг.
Како што е познато, Тимчо Муцунски, досегашен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, станува градоначалник во општина Аеродром, со извојувана понуда уште во првиот круг.
Исто така пратеникот Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ станува градоначалник на Штип, додека, пак, градски татко на Струмица ќе стане Коста Костадиновски од СДСМ.
Уште еден пратеник сигурно си заминува од Собранието, а тоа е идниот градоначалник на Бутел, Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Сега се поставува прашањето кој ќе дојде на нивно место во законодавниот дом.
Фактор, врз основа на избирачките листи на парламентарните избори, ги обелоденува идните пратеници кои ќе седнат во собраниските столчиња.
На местото на Тимчо Муцунски, кој беше во првата изборна единица, доаѓа Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ и тој сега ќе биде идниот пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
На местото на Иван Јорданов, пак, кој дојде од третата изборна единица, ќе дојде полковник Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Ангелова Емилија, исто така од ВМРО-ДПМНЕ, ќе дојде на местото на Дарко Костовски од таа партија, кој ја извојува победата уште во првиот круг и ќе биде новиот градоначалник на скопската општина Бутел.
И, на местото на Коста Костадинов од СДСМ, кој е идниот градоначалник на Струмица, со извојувана победа уште во првиот круг, и кој е од четвртата изборна единица, доаѓа Драгица Спасова од СДСМ, која била 12-та на листата на таа изборна единица.
Уште еден пратеник е во игра за градоначалник, а тоа е охриѓанецот Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ. Но, тој освои 48,47 отсто од гласовите и ќе мора да оди во втор круг, така што тука битката е неизвесна.
Н.Н.Ф.
