ТРОЈЦА ПОЖАРНИКАРИ МЕЃУ НОВИТЕ ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ПАЦИЕНТИ - расте бројот на згрижени по трагедијата во Кочани
Хоспитализирани се нови 20 пациенти, вклучувајќи три пожарникари, објави Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.
- Со тоа и покрај преносот во странство бројот на хоспитализирани е околу 90 повредени и тоа во Клинички центар 60 лица, ГОБ 8 септември 17 лица и Св. Наум Охридски 12 лица.
На тоа треба да се додадат 8 повредени во Аџибадем Систина и 6 повредени во Жан Митрев.
Во странство, вчера беа пренесени 24 повредени и тоа 13 во Србија, Словенија двајца повредени, Литванија четири, Бугарија еден, Австрија четири (Виена, Грац).
Во Србија едно лице е во КЦ Ниш, во ВМА се четири лица и КЦ Белград се осум повредени - напиша Клековски.
Вкупниот број на повредени лица кои се згрижени во некои од болниците во соседството или подалеку е 73.
Во текот на ноќта беа договорени и нови пациенти кои требаше да бидат пренесени во Атина, Грција и Загреб, Хрватска.
- Пристигна и тимот од Израел од Шеба центарот. Тимовите од Чешка и Израел се во Клиничкиот центар во Скопје, а денес ги поздрави и Христијан Мицкоски, Претседател на Владата - укажа Клековски во објавата.
