ТРОЈЦА ГРАДЕЖНИЦИ ПРИВЕДЕНИ ПО ПОЖАРОТ ВО УНИВЕРЗАЛНА - МВР со детали за денешниот случај
Тројца градежни работници кои работеле на објектот на Универзална сала во моментите пред избувнувањето на пожарот се приведени од страна на полициските екипи.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, станува збор за вработени кои изведувале градежни работи на објектот.
- Во врска со пожарот, во ПС ОН Центар се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот и тоа Б.Р. (50), З.Т. (60) и Б.И. (53). Се преземаат мерки за расчистување на случајот - се наведува во соопштението на МВР.
Од министерството додаваат дека денеска (09.04.2024) околу 09.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во Универзалната сала во Скопје.

- Веднаш по добиената пријава, на лице место се упатени полициски службеници и припадници на Бригадата за противпожарна заштита, кои околу 11.30 часот го изгаснале пожарот.
Со возило на Итна медицинска помош во Клиниката за токсикологија се однесени две лица Е.С. (48) и А.Т. (41) поради вдишување на чад.
Од страна на екипи на ЕВН во целата околина на салата е прекинато снабдувањето на електрична енергија - посочуваат од МВР.
„Универзална сала“ изгоре додека во тек се одвиваа градежните активности за реконструкција на надворешниот дел, по што требаше да следува договор со оператор за ново внатрешно уредување.
