Триглав ИНТ достави понуда за преземање на нови акции од Триглав Осигурување
Триглав ИНТ холдиншка дружба од Словенија сака да продолжи со преземањето на акции од компанијата Триглав Осигурување АД Скопје, па за таа цел е доставена и јавна понуда за преземање на 16.020 обични акции со право на глас.
Триглав ИНТ веќе поседува 44.164 обични акции кои претставуваат 73,88% од вкупниот број на издадени акции со право на глас. Во понудата стои дека цената за преземање на акциите на Триглав Осигурување АД Скопје ќе изнесува 14.640 денари по акција што е за шест пати повеќе од просечната цена на Македонска берза постигната во последната година пред известувањето за намерата за преземање.
Преземачот Триглав ИНТ на свој „товар“ ќе ги носи и трошоците за прифаќање на понудата за преземање на акции, односно трошоците кои ги наплаќа Централниот депозитар за хартии од вредност.
Исто така Триглав ИНТ депонираше и банкарска гаранција во ЦДХВ во износ кој е доволен да се надоместат сите иматели од кои треба да бидат преземени акциите, а ќе се чека и на формални одлуки на Комисијата за хартии од вредност и Агенцијата за супервизија на осигурувањето за што ќе се почитуваат сите законски одредби.
Х.С.