Трифун Костовски стана 100% сопственик на „Поштенска банка“?
„Еуростандард банка“ го купи државниот удел во „Поштенска банка“ и стана нејзин 100%-ен сопственик. На јавната берзанска аукција денеска „Еуростандард банка“ откупила 12.830 акции во „Поштенска“ по цена од 20.950 денари за акција. Вкупната вредност на трансакцијата е околу 4,4 милиони евра.
Продажбата била извршена преку „Поштел брокер“.
„Еуростандард банка“, во сопственост на бизнисменот Трифун Костовски, беше единствен учесник на аукцијата затоа што само таа доби претходна согласност од Народната банка на Република Македонија.
Костовски, преку „Еуростандард банка“ од 2008 година беше доминантен сопственик на „Поштенска“ и поседуваше 66,666 отсто од акциите. Државниот удел од 33,333 отсто од вкупните акции се продава една година откако Владата побара консултант, кој требаше да изврши проценка на вредноста на банката.
Во јануари лани вредноста на банката, според она што беше објавено на нејзината интернет-страница, беше околу 5,8 милиони евра. Но, во меѓувреме беа донесени и измени на Законот за банките, со кој Поштенска банка го изгуби ексклузивитетот да дава услуги на „Македонска пошта“.
Слично
