Трифун Костовски и неговиот син заедно со двајца менаџери обвинети за стечајот на Еуростандард банка
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против три лица кои се товарат дека сториле по едно кривично дело – Предизвикување стечај на банка од член 181 став 1 од Кривичниот законик, како и обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 3 во врска со ставовите 2 и 1 од Кривичниот законик.
- Според обвинителниот акт, првообвинетиот како претседател на Управниот одбор и член на Кредитниот одбор, второобвинетиот како претседател на Кредитниот одбор и третообвинетиот како претседател на Одборот за управување со ризици и член на Управниот одбор, во периодот од 2013 до втората половина на 2019 година, постапувале спротивно на одредбите од Законот за банките и интерните акти на банката.
Со одобрување кредити на кредитно неспособни и поврзани правни лица, без соодветни анализи и обезбедување, со прикривање на реалната финансиска состојба и ризиците, како и со неточно известување до Народната банка, придонеле за значително влошување на финансиската состојба на Еуростандард Банка АД Скопје. Со ваквото постапување придонеле банката да биде доведена во стечај, а доверителите да бидат оштетени во износ од 1.662.417.664 денари - се посочува во објавата од Обвинителство.
Воедно во соопштението се додава дека според обвинителниот предлог, четвртообвинетиот, во својство на претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард Банка АД Скопје, во периодот од 2013 до 2019 година, со несовесно вршење на своите овластувања и пропуштање на должен надзор, постапувал спротивно на обврските утврдени со Законот за банките.
- Со тоа овозможил одобрување на нефункционални кредити, преземање прекумерни кредитни ризици, неточно прикажување на финансиската состојба на банката и непочитување на законските и интерните процедури при кредитирањето, со што придонел за создавање видлива несолвентност, намалување на сопствените средства на банката и нејзино доведување во стечај по сила на закон - се нагласува во објавата.
Обвинението доаѓа по пет години истрага, а според описот, обвинение има против Трифун Костовски, неговиот син Коста Костовски и уште двајца менаџери, и тоа најверојатно за Николчо Петковски и Зоран Николовски.Иако од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција официјално не го откриваат идентитетот на обвинетите, имињата се поврзуваат со некогашните носители на споменатите функции, но и од самата истрагата со која беше познато против кого се води кривичната постапка.
Имено, во споменатиот период функцијата претседател на Управниот одбор ја извршуваше Николче Петкоски, претседател на Кредитниот одбор во банката беше Коста Костовски, додека пак Трифун Костовски беше Претседател на Надзорниот одбор.
Од Обвинителството тврдат дека доверителите биле оштетени за 27 милиони евра.
Фото: принтскрин/Фејсбук
