Економија, финансии, бизнис

Контакт

Трифун Костовски: Демонтажата на претходниот систем долго ќе трае

Трифун Костовски: Демонтажата на претходниот систем долго ќе трае

Бизнисменот Трифун Костовски не го кажал последниот збор на јавна сцена во Република Македонија иако во последниот период не беше премногу политички активен. Околу неговото име речиси секогаш кружат теории и идеи за тоа каков ќе биде неговиот следен политички ангажман. Секако, бизнисите кои ги води, успешните проекти и филантропијата го одбележаа кај македонската јавност, па затоа и не е изненадување кога повторно се пројавува интерес што е неговиот следен чекор. Отворено разговараме со Трифун Костовски, за неговите политички активности, за неговите ставови како поранешен градоначалник и активен политичар и како бизнисмен кој подолго време бара поинаков однос од власта кон домашните стопанственици.

Фактор: Неодамна се појави промотивно видео на Здружението на граѓани „Човекот пред се“ кое привлече негативни реакции на социјалните мрежи. Зошто токму сега се пушти ваков спот?

Костовски: Во потполност ги разбирам маките на нашите граѓани и тоа дека на многумина воопшто не им е лесно да се носат со секојдневието, од осамостојувањето на Република Македонија, па до денес. Особено во последниве единаесет години. Ја разбирам и нивната огромна разочараност. Се обидувам да ја разберам и стигмата која што ја носи пораката, од човек, кој е материјално богат, зашто свесни сме, колку кај нас, збогатувањето најчесто се поистоветува со одликите на криминалот, лоповлукот, неодговорноста и несовесноста. Но, ќе морам да ги разочарам моите критичари дека на тоа поле јас сум потполно чист. Моето богатството го заработив на чесен начин, во странство, потоа сето го донесов и го инвестирав во мојата татковина. Денеска повеќе од илјада семејства остваруваат приходи во моите фирми.  

Зошто сега е пуштен спотот ? Ако велиме дека ова сега се времиња на оптимизам и на нова надеж, сакав да ја пренесам пораката дека колку и да е тешко, треба да се обидеме нешто тука да направиме. Притоа, несудејќи никому, бидејќи никој нема право да го суди туѓиот избор, за тоа дали својата среќа и среќата на своето семејство ќе ја бара дома или надвор. Нашата татковина ја има зафатено „бела чума“, на масовно заминување, особено на младата популација. Ја разбирам нивната разочараност, зашто најмногу, во изминативе, речиси три децении, не е ништо направено за да ги убедиме дека нивното место е тука, и дека тука треба да ја градат сопствената иднина.  Не случајно, Здружението „Човекот пред сè“ е посветено на човекот како поединец, кој е основен сегмент на општеството.

Фактор: На последните претседателски избори изразивте желба да бидете консензуален кандидат за претседател што не беше прифатено. Дали повторно имате амбиции да се кандидирате за претседател на државата?

Костовски: Знам дека огромен број на граѓани ме доживуваат како сериозен кандидат за иден претседател на државата, a и од вашата фела честопати ми се поставува истото прашање. Во таа смисла можам да ви одговорам дека јас сум реализиран човек, стопанственик, бев Градоначалник на Град Скопје, а народот ме доживува како филантроп. Лични амбиции немам. Едиствената моја амбиција е да ја видам Република Македонија на вистинскиот пат, стокмена и пристојна држава. На тој пат, во секое време сум подготвен да и помогнам.

Фактор: Сметате ли дека постои можност СДСМ и ДУИ да излезат со заеднички кандидат и што мислите за идејата Албанец да биде претседател на Македонија?

Костовски: Дали ќе излезат со заеднички кандидат, не можам да кажам. Но, дека ќе пронајдат кандидат, кој заеднички би го подржале е повеќе од сигурно. Лично, немам ништо против идејата Албанец да биде Претседател на Македонија. Мораме да се ослбодиме од тие етнички придавки. Гледаме  дека коалициските политики во Македонија,  дури премногу, се политики на договори. Се сведуваат на тоа кој што ќе добие, кој каква позиција ќе има. Тоа е погрешно. Треба да се бара добра, квалитетна и претставителна личност. Треба да се бара човек со искуство и квалитети, кој е докажан и со авторитет. Дали таа личност ќе биде Албанец, Бошњак, Турчин, Србин или Македонец, за мене е навистина помалку важн. Тој човек треба да ја претставува Македонија и сите нас, различни или слични какви што сме.

Фактор: Како досега ја оценувате работата на премиерот Заев, забележувате ли почетни грешки и кон што треба да се насочи фокусот?

Костовски: Работата на премиерот Заев би ја поделил во два сегменти. Надворешна и внатрешна политика. Во надворешната политика забележуваме огромен пробив. Во тој дел, факт е дека силно сме поддржани од нашите меѓународни пријатели, што секако резултира позитивно, во насока на  релаксирање на односите со нашите соседи. На внатрешен план, пак, не очекувам дека многу брзо ќе се справиме со сите реформи, во судството и во министертсвото за внатрешни работи.  Долг е процесот на демонтажа на претходниот систем, кој не би сакал никогаш да се повтори во Република Македонија. Максимално ја поддржувам Владата во овие реформи и во процесот на враќање на институциите на граѓаните, наместо  на политичките партии.  На внатрешен план, гледам дека Владата го продолжува трасираниот пат на претходната Влада,  во поглед на странски инвестиции преку слободните економски зони. Сеуште неможам да најдам разумен одговор за ваквата политика, бидејќи домашната економија сеуште нема почувствувано позитивни ефекти од ваквата владина политика. Се најавуваат нови економски мерки, но по нивното имплементирање, ќе можам да го кажам мојот став на таа тема.

Фактор: Вие бевте градоначалник на град Скопје со голема поддршка тогаш од ВМРО-ДПМНЕ. Потоа дојде до разединување во политиките. Неопходно ли е градоначалникот и премиерот да се од иста партија за развој на Скопје?

Костовски: Градоначалник на Град Скопје бев со поддршка на граѓаните. Ако паметите, јас бев независен кандинат.  Партијата ВМРО - ДПМНЕ,  ми даде поддршка, сакајќи да биде дел од  композицијата што се викаше победа.  Таа победа на локалните избори во 2005 година, за ВМРО – ДПМНЕ, резултираше со ефектни парламентарни победи во следните десетина години. Мислам дека нема потреба да се мешаат локалната и централната власт.  Доколу имаме изградено функционален систем на локална самоуправа, особено на нејзино финасирање, нема потреба од мешање на двете власти.  Партиската припадност, во локалната самоуправа, треба да има многу мало значење. Кога е во прашање Скопје и неговиот динамичен развој, во последните три децении, мора поинаку да се конципира односот на двете власти.

Фактор: Што од денешна перспектива би му порачале на Шилегов. Скопје се гуши во загаден воздух има пренасилена изградба и силна урбана мафија која мисли само на профитот непочитувајќи ги урбанистичките правила. Како против тоа?

Костовски: Сметам дека изминатиов период испратив доволно пораки за да му помогнам на сегашниот градоначалник, со цел да  побрзо да навлезе во актуелните проблеми на Град Скопје. И понатаму стојам на располагање.

Процесот на деконтаминација на загадениот воздух, тешките метали и хемикалии во град Скопје, мора да биде студиозно испитан и на основа на тоа да се направи проект, во кој ќе учествуваат светски институции.  Тоа не е ни најмалку едноставно и процесот ќе биде долг.  Без сериозна студија, неможе да го знаеме процесот на нештата и работите се сведуваат на „лет во место“.

Прашањето со решавањето на урбаната мафија е многу полесно.  Зависи исклучиво од првите луѓе во локалната самоуправа и од првите луѓе во општините. Мора да има правила на игра во кои што моралот и етиката, заедно со кредибилноста ќе бидат на централно место.   

Фактор: Сметате ли дека направивте грешки во политичките настапи изминатите години со тоа што не успеавте да ја издигнете третата опција. Како тоа се рефлектира на сегашните односи со коалицијата која го сруши режимот на Груевски?

Костовски: Човечки е да се греши. Грешките се дел од нашето секојдневие. Меѓутоа за волја на вистината, никогаш не сум бил дециден, дека јас треба да ја направам третата опција. Јас сум првенствено стопанственик. Со политика почнав да се занимавам од моментот кога се вратив во Македонија,  со  единствена цел,  да помогнам во развојот на татковината.  Ако ме прашувате дали е потребна трета опција, одговорот е позитивен.  Целта е да се разбие биполарноста на политичката сцена, која за жал, иако сме во третата деценија од нашето осамостојување, не даде конкретни, убави резултати. Убеден сум,  дека доаѓаат нови генерации,  кои ќе бидат ослободени од стегите на партиите. Тие  ќе внесат новини во поимањето на власта и нејзините обврски.  Во оваа смисла, на прво место, задача на власта е да испорачува бенефит за своите граѓани.  

Во контекст на Вашето прашање, сакав да додадам,  дека режимот на Груевски не го сруши актуелната политичка коалција. Тој режим го срушија  граѓаните на оваа држава.  Оттаму, на тој план чувствувам,  нови ветришта од помладата генерација.  Тие треба да ги направат структурните реформи, внатре, во политичките партии.  Грев е за добри кадровски решенија да се бара исклучиво партиска припадност. Од тој аспект апелирам на една широчина и отвореност. 

Јас, лично, немам непријатели и секогаш сум отворен за соработка со луѓе кои имаат добри и чесни намери. 

Фактор: Голема почит и популарност стекнавте со клубот Кометал Ѓорче Петров. Потоа речиси целосно се повлековте од спортот. Дали може да се направи споредба со бизнисменот Сергеј Самсоненко и тоа што тој го направи со Вардар?

Костовски: За жал во тридецениската историја на македноскиот спорт, господинот Самсонеко и јас, сме единстевни промотори на врвни резултати во македноскиот тимски па и национален спорт. Не сакам да правам никакви паралели. И двајцата сме граѓани на оваа држава. Му честитам за пожртвуваноста што сè уште ја прави за афирмацијата на македонскиот спорт во Европа.

Фактор: Народот исто така Ве почитува поради вашите донации и хумани проекти. Дали истите не доволно ги промовирате во последно време и каков пример според вас треба да остават богатите и моќни луѓе?

Костовски: За мене важи една христијанска поговорка. Сподели го тоа што го имаш со своите комшии, пријатели и граѓани. Секојденвно ја чувствувам почита од народнот независно од етничката и верската припадност и благодарен сум за тоа. Секогаш сакам да помогнам, но не со цел да се фалам со тоа.  Напротив, важно ми е само да им помогнам на тие на кои што им е потребно. Дали тие хумани потези ќе бидат видливи во јавноста, за мене е неважно. Давањето на дополнителни информации на ова поле, се коси со мојата етичка вертикала.

Фактор: Во каква состојба се сега вашите бизниси и какви очекувања имате за македонската економија согласно новите владини политики?

Костовски: Моите бизниси ја делат судбината со останатите фирми во Република Македонија. Новите владини политики мораме прво да ги почувствуваме па потоа да разговараме за нив.

Фактор: Наскоро ќе се одржи конгрес на кој ВМРО – ДПМНЕ треба да одбере наследник на Груевски. Дали од самата личност ќе зависат реформите во партијата или веќе притисок за напуштање на политиката нна поделби, прогласување предавници и конфронтации е веќе преголем да се игнорира?

Костовски: Овој конгрес повеќе се однесува на заминувањето на Никола Груевски, отколку на  поставување на нов лидер на ВМРО - ДПМНЕ.  Македонија сè уште го носи товарот од неговото владеење и за нас сè уште е најважно неговото заминување од позицијата.  Што се однесува до новините и промените во ВМРО – ДПМНЕ, не очекувам тоа да биде брз процес. ВМРО - ДПМНЕ е навистина голема партија. Партиите се комплицирани структури и тие не смее да зависат само од една личност. Нивното структуирање и функционирање е прашање на една поширока свест и совест. Идното раководство и идниот лидер на ВМРО – ДМПНЕ, кој и да биде, ќе треба да потрошат многу врме, труд и реусрси, за да ја отстранат стигмата која што во моментов ги следи.

Ќе им треба многу време да нè убедат дека нешто промениле во своите погледи и ставови.  Потоа, како што и самите долго време ја користеа синтагмата „Дела, а не зборови“, ќе треба да покажат дека се смениле и дека немаат веќе намера да инвестираат во поделби, национализам, популизам и во сите оние девијантни практики, кои ја следеа партијата во последните единаесет години.

Македонија, во овој момент,  нема ниту втора опција, а  не пак трета, за која што говоревме. Премногу е важно, што побрзо да се структурира една сериозна и совесна политичка опозиција. Веќе постои една – тоа се граѓаните, меѓутоа зборуваме за структурирана политичка целина. Секоја власт, колку и да е добронамерна ќе греши, ќе има луѓе кои ќе злоупотребуваат. Едноставно, власт без коректор не може да биде гаранција за добро владеење.

Автор: Христијан Станоевиќ

Слично

Поврзани вести