Трифонов до Македонците: Ќе сонувате дека имате бугарски пасоши, ќе доаѓате на Сончев Брег, ќе ги праќате вашите деца да студираат во Бугарија
Претседателот на бугарската партија Има таков народ, Слави Трифонов, се закани дека Македонците ќе ја гледаат Европската Унија(ЕУ) „низ крива макарона“. Тој ја коментира Македонија откако маж оштети стакло на влезот на бугарската амбасада во Скопје.
„Не знам дали знаете, но некое лице во Северна Македонија се приближило до влезната стаклена врата на бугарската дипломатска мисија во Скопјe, го скршило стаклото и си заминало. Тоа било снимено на безбедносни камери. Можеби ќе си речете: што по ѓаволите – едно стакло. Па, да, но прашањето не е за скршеното стакло, туку за ставот. Обично сакате да го скршите стаклото на оној што не го сакате, или едноставно го мразите. Пред многу години бев во Скопјe и никогаш нема да заборавам како стапнав кога видов пред бугарската амбасада, на спротивниот ѕид, огромен натпис со големи црни букви: ‘Бугари умрете’. Ништо не се променило од тогаш. Раскажани се многу приказни, направени се многу обиди, и тоа е тоа. ‘Бугари умрете’ стои и Македонците не се во можност да го избришат. Па, добро. Ако не сакате – во ред. Мудриот бугарски народ има соодветна поговорка: ‘Не можеш да направиш убавина со сила’. Ако не сакате, ќе останете во Северна Македонија, ќе ги гледате глупавите, одвратни црни написи, ќе кршите некое стакло од време навреме, тајно ќе сонувате дека имате бугарски пасоши, ќе доаѓате на Сончев Брег на море ако е можно, ќе ги праќате вашите деца да студираат во Бугарија и ќе ја гледате Европската унија низ искривена макарона. Бидејќи, објективно кажано, токму тоа го заслужувате. Не успеав да кажам дека во ова време ќе продолжам со големо задоволство да пеам бугарски народни песни од Пиринскиот крај“, напиша Трифонов на социјалните мрежи.
