Триесет дена притвор за Груевски за финансирањето на партијата
Судот му одреди 30 дневен притвор на поранешниот премиер, Никола Груевски за случајот „Талир“.
Kривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 го прифати барањето на СЈО и му определи 30 дена притвор на обвинетиот Груевски за случајот „Талир“ сметано од денот на неговото пронаоѓање, односно лишување од слобода. Одлуката е донесена, откако Судот добил известување од Собранието дека на Груевски му е одземен имунитетот.
„Кривичниот совет при овој суд постапуваше по предлогот откако доби допис од претседателот на Собранието, а со кој се известува советот дека врз основа на Извештајот на Комисијата за деловничко и мандатно – имунитетни прашања, Собранието го одобрило барањето на кривичниот совет за одобрување на мерка притвор против Н.Г., пратеник во Собранието на Р.Македонија“, информираат од Основен суд Скопје 1.
Против ова решение странките имаат право на жалба во рок од 24 часа до Апелацискиот суд – Скопје.
СЈО во случајот Талир, поднесе две обвиненија, за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за незаконска изградба на новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Првото обвиние за незаконското финансирање ги опфаќа екс лидерот Никола Груевски, други пет поранешни функционери и самата партија како правно лице.
Груевски се товари дека во периодот од 2009 до 2015 година обезбедил пари за партијата од анонимни и незаконски извори. Во оваа шема му помагале поранешниот генерален секретар, Кирил Божиновски и екс министерот, Миле Јанакиевски кои вршеле притисок врз газди на фирми кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа да исплатат готовина на ВМРО ДПМНЕ , како против услуга за добиените јавни набавки.Груевски доби политички азил во Унгарија, каде избега за да не лежи в затвор за случајот „Тенк“.
