Тридневниот рекорд на бесплатен јавен превоз завршува
Тридневниот бесплатен јавен превоз за граѓаните на Скопје завршува утре со престанувањето на важење на мерките и препораките за заштита од загадувањето што ги воведе завчера Владата.
Истите од утре престануваат да важат бидејќи концентрациите на ПМ10 честичките се под дефинираниот праг на алармирање од 200 микрограми на еден кубен метар, соопштија денеска од Владата.
Покрај бесплатниот превоз, се укинуваат мерките за ослободување од работни обврски на бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма и други хронични респираторни болести, прележан миокарден инфаркт, мозочен удар и други кардиоваскуларни или онколошки болести без разлика на возраста, како и другите препораки и ограничувања.
„Ве потсетуваме дека и денеска, вторник 22.01.2019 година, користењето на јавниот превоз е бесплатно. Одлуката, која е дел од мерките за намалување на загадувањето на воздухот и е на сила од 12 часот од 20.01.2019 година, ќе важи се до моментот на намалување на загадувањето, за што дополнително ќе бидете известени“, се вели во поладневното соопштение на ЈСП што го издаде денеска.
