Три тупаници го усмртиле Саздовски
Три смртоносни тупаници во главата биле фатални за навивачот Никола Саздовски, потврди вештакот на судското рочиште за починатиот. На смртта не влијаел падот на починатиот по претепувањето од страна на обвинетите Бесир Беља и Скендер Демири.
На прашање на јавниот обвинител, Златко Јаќоски од Судска медицина рече дека преткоматозната состојба во која бил донесен Саздовски, по која подоцна настапила смрт, настанала поради три доминантни повреди во пределот на главата и тие се настанати со силно дејство во ист период.
Крвни повреди на главата, поточно на левата страна на лицето и во темената регија, оштетување на мозокот и крвен подлив на градниот кош, покажува обдукцискот наод извршен врз Никола Саздовски, за кој денеска пред судот сведочеше вештото лице, доктор Златко Јаќоски од Судска медицина.
– Овие повреди врз Никола се нанесени со повеќединамична тапо-тврда сила. Квалификацијата е тешка телесна повреда со опасност по живот која завршила со смрт. Повредите се нанесени со бокс или удар со нога – појасни Јаќоски.
Според вештото лице, Саздовски бил донесен во болница во предсмртна фаза за што итно била направена реанимација, а заради неможност на функционирање на мозокот бил поставен на механичка вентилација со пропратна терапија со медикаменти.
Беља и Демири во моментов се во притвор, а според обвинителниот акт заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда.
