Три торби марихуана од Албанија кон Грција: Каналот пресечен во Македонија, полицијата приведе четворица
Четворица албански државјани се приведени вчера во Ресен, информира полицијата и соопшти дека со тоа е пресечен меѓународен канал на транспорт на наркотична дрога од Република Албанија, низ Република Северна Македонија, а наменета за Република Грција, како крајна дестинација. Од МВР велат дека во текот на вчерашниот ден била запленета марихуана во количина од вкупно 65 килограми, со вредност од околу 200.000 евра.

„Вчера во утринските часови, на регионалниот пат од Трпејца кон Стење, преку Националниот парк Галичица, биле сопрени две патнички возила, марка „мерцедес“, со албански регистарски ознаки, кои учествувале во вршењето транспорт на дрогата. При извршен преглед на возилата, од кои едното било управувано од К.К., каде како совозач бил М.Ф., а второто од Ф.Б., биле пронајдени и одземени 3 големи торби со марихуана, спакувана во 44 пакувања, стои во соопштението.

Албанските државјани се приведени, а по насока на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Ресен, дрогата е предадена на вештачење, при што било утврдено дека станува збор за вкупно 65 килограми марихуана, а против трите лица ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

