ТРЕТОТО ВОЗИЛО Е ЛУКСУЗ: Герасимовски вели дека на паркиралиштата мора да има ред
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во гостување во Дневникот на Сител истакна дека новиот правилник и ценовник на ЈП за паркинзи се изработени со цел подобрување на условите за паркирање, зголемување на редот и обезбедување фер пристап за сите жители.
Центар е најфреквентната општина во државата, со голем број возила кои секојдневно транзитираат низ нејзината територија, но и со сериозен притисок врз паркинг-просторот од самите жители. Герасимовски посочи дека првото возило за жителите останува бесплатно, второто се наплаќа, а третото е сметано за луксуз, поради ограничениот број паркинг места.
Новите правила се изработени врз основа на година и половина анализа, средби со граѓаните и забелешки за проблемите со паркирањето. Денес, ЈП ПОЦ има речиси 15.800 издадени налепници за околу 6.100 паркинг места, што ја покажува потребата од ред и контрола.
„Со новите правила се штитат граѓаните кои имаат едно возило и реална потреба да паркираат пред својот дом. Целта е фер услови за сите жители. Секое наредно возило претставува дополнителен товар за системот и треба да се наплаќа“, изјави Герасимовски.
Тој додаде дека одржливоста на претпријатието подразбира редовно обележување, осветлување, одржување и контрола на паркинг-просторите. Дел од градските паркинзи, особено во Капиштец, кај Нова Македонија и Цветен пазар, во вечерните часови остануваат полупразни, додека дел од граѓаните избегнуваат платени и безбедни паркинг-простори.
„Купувањето на две или три возила, без користење на паркинг, создава хаос за останатите жители. Очекувам новиот правилник да донесе ред, повеќе слободни места и фер услови за оние што навистина живеат во Центар“, порача Герасимовски.
