Трендафилов: Првите топ три газди зеле плата за еден месец колку за 1.790 работници на минималец
Фрапантни се податоците според кои газдата со највисока плата во Македонија зел плата колку за 817 работници на минималец, а првите топ три газди со пресметковни ефективни нето-плати зеле плата за еден месец колку за 1.790 работници на минималец, а после некои зборуваат за ниската продуктивност на македонските работници.
Ова го посочува првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
Тој укажа дека изминативе години иако имало ветувања, никој од политичките лидери не направил напори во заштита на работничките права.
- Политичарите изминативе години обожаваат да се расфрлаат со фалби како растот на просечната плата во Македонија покажува дека животниот стандард на македонскиот работник се подобрува, но реалноста е дека работниците и покрај тоа што примаат плата – тонат во сиромаштија, а газдите со милионски плати во денари, па и функционерите со над 2.000 односно 2.500 евра плати уживаат во луксузот и се глуви на барањата за раст на минималната и раст на сите други плати - вели тој.
Потоа додава дека владите мора да разберат дека треба да им одземат на богатите газди, не на работниците.
- Работниците на минимална и оние до просечна плата плаќаат вкупно 38 отсто придонеси за задолжително социјално осигурување, а газдите со милионски износи плаќаат придонеси до 16.430 евра бруто (односно 16 × 63.154 денари просечна бруто-плата за претходната година како највисока основица за сите придонеси). Над тој износ плаќаат само 10 отсто персонален данок, па ако тоа не е неправда, тогаш не знам што е. Затоа владата мора да избере - или да им даде на сиромашните работници со плата под просечната плата или да им земе на газдите милионери со плата над милион денари, затоа што едните плаќаат 38 отсто давачки, а другиве само 10 отсто - вели Трендафилов во објава на социјалните мрежи преку профилите на ССМ.
Слично
