Трендафилов: Дафина ми ги снимаше децата, барам разрешување
Раководството на Сојуз на синдикати на Македонија на денешната прес-конференција обелодени дека утре во 12 часот ќе започнат со блокадата на Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис-конфедерацијата, а лидерот Слободан Трендафилов рече дека пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ ,Дафина Стојановска, била таа која со мобилен телефон му ги снимила двете деца и побара нејзино разрешување.
Трендафилов најави и голем работнички протест со организиран превоз од сите градови и кој ќе биде организиран во неработен ден, пред да го организираат генералниот штрајк во јавниот и приватниот сектор.
Трендафилов бара кривичен прогон за лицата кои ги следеле неговите деца, како и одземање на пратеничкиот имунитет на Дафина Стојановска, која го објави видеото од децата на претседателот на ССМ.
Трендафилов нагласи дека во нормална држава Владата паѓа за ваков случај, дополнително побара од Јавното обвинителство да се покаже дека правдата важи за сите. Претседателот на ССМ го праша министерот Панче Тошковски дали службите го следат него и неговите деца. Според Трендафилов ова трае повеќе од година.
-Мојата плата за која се грижат толку е 57 илјади денари. Можат да ме следат, прислушуваат, уценуваат, напаѓаат и да ми се закануваат, но, нема да потклекнам и нема да се предадам. Дозвлете да зборувам за монструмите, оние кои не се под детските кревети и кои седат во пратеничките клупи и кога ги гледате во кафичи, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија туку се покрај сите нас. Министерот за внатрешни работи и Обвинителството треба да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска. Истата Дафина која некој ја познава како богаташка. Истата Дафина која ми ги објави малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да ме уценуваат. Се случија големи катастрофи со деца, не сакам да верувам дека целта ѝ била тоа. Нормален премиер наместо да дава изјава дека ова е само почеток со заканите, ќе си дадеше оставка или најмалку ќе ја разрешеше Дафина. Нормална влада во нормална држава паѓа за вакви работи, кажа првиот човек за објавеното видео од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
