Треба ли граѓаните да ги знаат имињата на компаниите кои лажеле на декларациите за млечните производи?
Агенцијата за храна и ветеринарство откри неправилности кај дел од млечните производи што се продаваат на македонскиот пазар. Кај некои производи е утврдено значително отстапување меѓу декларираниот и реалниот процент на млечна маст, а во еден случај наместо декларираните 20%, анализите покажале само 1% млечна маст.
Изречени се казни за производители и увозници, а еден производ бил повлечен од продажба и уништен поради користење палмини масти - сепак, не се објавени имињата на компаниите кои ги лажеле граѓаните.
Според објавените податоци, познато е дека официјалните ветеринари земале вкупно 91 мостра од млеко, млечни производи и сувомесни производи, од домашно производство и од увоз.
Целта на контролите била да се провери дали квалитетот на производите одговара на податоците наведени на декларациите.
По завршените лабораториски анализи за млекото и млечните производи било утврдено дека од 45 анализирани мостри, кај 10 оператори имало отстапувања од прописите за квалитет. Според АХВ, кај дел од производите било утврдено дека содржат помал процент млечна маст од оној што бил наведен на декларацијата.
Најголемо отстапување било утврдено кај мостра од ситно сирење. Производот бил деклариран со 20 проценти млечна маст, но лабораториската анализа покажала дека содржи само 1 процент. За овој случај на операторот му е изречена казна од 3.500 евра во денарска противвредност.
Казни се изречени и за уште осум оператори, производители и увозници, кај кои била констатирана разлика меѓу декларираниот и реалниот процент на млечна маст. Тие ќе треба да платат по 1.050 евра во денарска противвредност.
Кај друг оператор било утврдено дека во производство на млечен производ користел растителни, односно палмини масти. За овој прекршок е изречена казна од 1.300 евра во денарска противвредност. Спорниот производ, во количина од 500 килограми, бил повлечен од промет и уништен на депонија.
Од АХВ најавуваат дека засилените инспекциски контроли кај производителите и трговците со млечни производи ќе продолжат и во следниот период. Резултатите од анализите на сувомесните производи дополнително ќе бидат објавени.
Сепак, АХВ не ги објави имињата на производителите и брендовите кај кои се утврдени неправилностите.
Ова само по себе, значи дека кај граѓаните расте недовербата и сите производители се ставаат во ист кош, и оние кај кои биле утврдени нерегуларности, но и оние кај кои немало неправилности во работењето.
Сметате ли дека тоа е правилна одлука, или граѓаните имаат право да знаат кои се компаниите кои ги лажеле граѓаните?
Дали сметате дека институциите треба јавно да ги објават имињата на производителите кога ќе се утврди дека производот не одговара на декларацијата?
РЖМ/Б. С. Б.