Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТРЕБА ДА БИДЕ ИНФОРМАТИЧАР, АМА ДА СЕ РАЗБИРА И ОД ПЛАТНИОТ ПРОМЕТ, ПЛАТА НАД 1.000 ЕВРА - нови огласи за вработување во Народната банка

ТРЕБА ДА БИДЕ ИНФОРМАТИЧАР, АМА ДА СЕ РАЗБИРА И ОД ПЛАТНИОТ ПРОМЕТ, ПЛАТА НАД 1.000 ЕВРА - нови огласи за вработување во Народната банка

Повторно вработува Народната банка. Првата монетарна куќа прима шест нови луѓе, од кои двајца ќе добијат решенија на неопределено време.

Станува збор за примање на „самостоен советник аналитичар“ во Отсекот за оперативни работи во Дирекцијата за платни системи, како и извршител на работното место „помлад супервизор I степен“ во Отсекот за супервизија во Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација.

Како што напишале од НБМ во огласот, за работното место „самостоен советник аналитичар“, кандидатите треба да има завршен факултет од областа на информатичките науки, со најмалку 240 кредити (VIА), да имаат работен стаж најмалку 4 години стекнат по завршување на високото образование, да имаат познавање на англиски јазик, работа со компјутер, платниот промет и платните системи и познавања од областа на работењето на Народната банка. Тие ќе бидат и тестирани за нивните стручни знаења.

Овој информатичар ќе зема и солидна плата, иако тоа е нормално, па дури и малку за неговите квалификации. 

Односно, за самостојниот советник аналитичар во Отсекот за оперативни работи во Дирекцијата за платни системи платата е предвидено да изнесува 61.275 денари, додека за време на пробната работа нето платата ќе биде 50 отсто, односно 31.077 денари.

За работното место „помлад супервизор I степен“, пак, оние што ќе сакаат да се вработат треба да имаат завршен факултет од областа на правните науки,со најмалку 180 кредити (VIБ), да имаат работен стаж најмалку 1 година стекнат по завршување на високото образование, да имаат познавање на англиски јазик, работа со компјутер, законска и подзаконска регулатива од доменот на заштитата на потрошувачите, банкарството и банкарската супервизија и познавања од областа на работењето на Народната банка. Исто ќе бидат тестирани за нивните знаења.

Тој ќе има малку пониска плата и таа ќе изнесува 44.647 денари, а само за време на пробната работа вработениот ќе добива половина или 22.769 денари.

Покрај ова, НБМ ќе прима и тројца извршители на определено време во траење од една година, и тоа еден извршител на работното место „помлад супервизор почетен II степен“ во Отсекот за лиценцирање и корективни мерки во Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање, еден извршител на работното место „помлад специјалист за управување со човечките ресурси почетен II степен“ во Отсекот за развој во Дирекцијата за управување со човечките ресурси и еден извршител на работното место „самостоен супервизор за информативни системи II степен“ во Канцеларијата за супервизија на информативните системи.

Ќе се прима и еден извршител на определено време во траење од две години, на работното место „помлад аналитичар почетен II степен“ во Отсекот за надгледување на платните системи во Дирекцијата за платни системи.

За работните места: помлад супервизор почетен II степен во Отсекот за лиценцирање и корективни мерки во Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање, помлад специјалист за управување со човечките ресурси почетен II степен во Отсекот за развој во Дирекцијата за управување со човечките ресурси и помлад аналитичар почетен II степен во Отсекот за надгледување на платните системи во Дирекцијата за платни системи, платата ќе изнесува 35.081 денар.

Многу попривлечна плата ќе има за работното место самостоен супервизор за информативни системи II степен во Канцеларијата за супервизија на информативните системи, и таа ќе биде дури 58.170 денари.

Рокот за доставување на документите изнесува седум работни дена, сметано од наредниот ден од денот на објавувањето на огласот. Изборот на работниците кои ќе засноваат работен однос во Народната банка ќе се изврши во рок од 45 дена по истекот на рокот за пријавување.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести