Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТРАНЗИЦИСКАТА ГОДИНА СЕ ОДРАЗИ ВРЗ ПРОФИТАБИЛНОСТА: еве како АЛТА Банка или некогашна Стопанска банка Битола ја заврши минатата година

ТРАНЗИЦИСКАТА ГОДИНА СЕ ОДРАЗИ ВРЗ ПРОФИТАБИЛНОСТА: еве како АЛТА Банка или некогашна Стопанска банка Битола ја заврши минатата година

АЛТА банка АД Битола деловната 2025 година ја заврши со позитивен финансиски резултат, остварувајќи добивка по оданочување од 40,6 милиони денари, односно околу 660 илјади евра.

Како што веќе е познато, на 16 октомври 2025 година успешно беше завршен процесот на преземање, по што некогашната Стопанска банка Битола доби нов сопственик и стана дел од АЛТА Групацијата.

-  Со ова беа создадени предуслови за стабилизирање на работењето, воведување највисоки стандарди, јасен фокус на дигитализација, иновации и унапредување на квалитетот на услугите, при што клиентите остануваат во центарот на сите деловни активности – се посочува во финансискиот извештај објавен на Македонска берза.

Во него е посочено дека во периодот 1 јануари – 31 декември 2025 година, Банката оствари нето-добивка од 40,6 милиони денари или околу 660 илјади евра, додека пак добивката една година претодно или во 2024 година достигнала 163,17 милиони денари или 2,65 милиони евра. Од Банката посочуваат дека остварувањето на планот изнесува 44,93 отсто.

Позитивниот резултат е остварен во услови на прудентна кредитна политика, со ограничување на новите кредитни изложености, зголемување на наплатата и активно решавање на нефункционалното кредитно портфолио, со цел подобрување на квалитетот на пласманите.

Нето-приходите од камата во 2025 година се пониски за 102,7 милиони денари, односно околу 1,67 милиони евра, што претставува пад од 22,2 отсто во однос на претходната година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци се намалени за 31,8 милиони денари или 517 илјади евра, односно за 33,17 проценти, главно поради пониски приходи и зголемени трошоци за провизии кон добавувачите на услуги.

Нето-приходите од курсни разлики се позитивни и изнесуваат 19,57 милиони денари, односно околу 318 илјади евра, и се речиси идентични со претходната година.

Останатите приходи од дејност се зголемени за 1,42 милиони денари (околу 23 илјади евра), или 5,15 проценти, како резултат на повисоки приходи од дивиденди.

Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува 19,4 милиони денари, односно околу 315 илјади евра, што е значително подобрување во однос на 2024 година, кога беше негативна во износ од 21,14 милиони денари (околу 344 илјади евра).

Загубата поради оштетување на нефинансиските средства изнесува 20,53 милиони денари, односно околу 334 илјади евра, и се однесува на оштетување на преземен имот, во согласност со регулативата на Народната банка.

Воедно од Алта банка информираат дека намален е бројот на вработени, но зголемена продуктивноста. Во ваква состојба, намалени се и трошоците за вработените за 5,35 милиони денари односно околу 87 илјади евра, или 2,82 проценти.

Останатите оперативни расходи се зголемени за 7,02 милиони денари  или околу 114 илјади евра, односно 3,91 проценти.

Сепак, во извештајот е потенцирано дека и покрај предизвиците, банката во 2025 година оствари одлични ликвидносни и капитални показатели, што го поткрепуваат со стапка на адекватност на капиталот која достигнува 33,39 проценти, но и со учество на ликвидната актива во вкупната актива во висина од 49,92 проценти.

-  Овие показатели се значително над просекот на банкарскиот сектор и претставуваат цврста основа за долгорочна стабилност и понатамошен раст – напоменуваат во извештајот.

Во 2025 година не беше извршена распределба и исплата на дивиденда, согласно одлуките на Собранието на акционери.

-  АЛТА банка АД Битола во наредниот период ќе продолжи да го приспособува своето работење на пазарните услови и потребите на клиентите. Стратешката визија на новиот сопственик – АЛТА банка АД Белград – е Банката да се позиционира како брзорастечка и конкурентна институција, со раст на активата, клиентската база и профитабилноста. Фокусот ќе биде ставен на дигитализација на процесите, управување со ризиците, раст на кредитната активност, оптимално управување со депозитниот потенцијал, унапредување на ефикасноста и квалитетот на услугите – се укажува во извештајот при што потенцираат дека со ваквиот пристап ќе се овозможи одржлив раст, зголемена отпорност и зајакнување на пазарната позиција.

П.О.

Слично

Поврзани вести