Економија, финансии, бизнис

Контакт

Трамп вели дека ја отпуштил гувернерката на ФЕД, Лиза Кук: таа вели дека „ќе продолжи да ги извршува“ должностите

Трамп вели дека ја отпуштил гувернерката на ФЕД, Лиза Кук: таа вели дека „ќе продолжи да ги извршува“ должностите

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ја отстранил од функцијата Лиса Кук, гувернерката на Федералните резерви (ФЕД), обвинувајќи ја дека сторила хипотекарна измама. 

Во писмо до Кук, Трамп наведува дека постојат „доволно докази“ дека Кук давала лажни изјави во договорите за хипотеки, а Федералната агенција за финансирање на домувањето поднесе барање до Министерството за правда за отстранување на гувернерката.

„Во најмала рака, спорното однесување покажува еден вид небрежност во финансиските трансакции што ја доведува во прашање вашата компетентност и сигурност како финансиски регулатор“, се наведува во писмото.

Трамп додаде дека отстранувањето на Кук, првата афроамериканка на оваа позиција, било неопходно за да се спроведе законот, објавува Еј-Би-Си.

Кук возврати дека Трамп „нема овластување“ да ја отпушти и дека таа ќе продолжи да ги извршува своите должности, а нејзиниот адвокат, исто така, забележа дека се во тек правни дејствија, велејќи дека ќе преземат „сите потребни чекори“ за да го блокираат „обидот за нелегално дејствување“ на Трамп.

Минатата недела, Трамп ја повика Кук да поднесе оставка, истиот ден кога Бил Пулт, директорот на Федералната агенција за финансирање на домувањето, објави дел од писмото од 15 август до американската обвинителка Пам Бонди, обвинувајќи ја Кук за фалсификување на банкарски документи и евиденција за недвижности за да добие подобри услови за кредит, „потенцијално иницирајќи хипотекарна измама“, се наведува во писмото.

Во минатонеделната изјава дадена на Еј-Би-Си Њуз (ABC News) Кук рече дека дознала од медиумите за писмото на Пулт, во кое се бара кривична постапка за хипотекарни барања што датираат од пред нејзината работа во Федералните резерви.

Кук за членка на Управниот одбор на ФЕД беше номинирана во 2022 година од поранешниот американски претседател Џо Бајден, а нејзиниот мандат трае до јануари 2028 година.

Независноста на ФЕД е во опасност

ФЕД е дизајнирана да биде независна од политичарите, особено за да може да се фокусира на економски податоци - а не на политички размислувања - во остварувањето на својот двоен мандат да го држи под контрола зголемувањето на цените, а воедно да го поддржува пазарот на трудот, пишува Си-Ен-Ен.

Политичарите често претпочитаат пониски каматни стапки, со цел да ги зголемат цените на акциите и да им овозможат на луѓето поевтино да позајмуваат пари, што е популарни потези меѓу гласачите. Но, пониските каматни стапки ризикуваат да предизвикаат притисоци врз цените. Од друга страна, оставањето на премногу високи стапки би можело премногу да го ограничи трошењето и вработувањето, штетејќи ја економијата.

Ниедна централна банка не го прави тоа правилно цело време. Сепак, студиите силно сугерираат дека економиите со независни централни банки доживуваат подобри резултати, вклучително и пониска инфлација.

Ако потегот ги чини САД економскиот кредибилитет, американските средства, како што се акциите и доларот, би можеле да бидат погодени. Тоа пак би можело да ги натера инвеститорите да бараат повисоки премии за да им позајмуваат пари на САД.

„Пошироката слика е за жал едноставна: ФЕД е дизајнирана да биде независна од политиката, од многу добри причини“, изјави Алан Блиндер, поранешен потпретседател на ФЕД за Си-Ен-Ен во понеделник вечерта. „Тој се обидува да го прекине тоа и да го направи рака на администрацијата на Трамп, што ќе биде многу лошо за монетарната политика ако се случи.“

Сенаторката Елизабет Ворен, највисоко рангирана демократка во Банкарскиот комитет на Сенатот, во соопштението изјави дека обидот на Трамп да го отпушти Кук е „авторитарно зграпчување на моќта што очигледно го крши Законот за Федералните резерви и мора да биде поништено на суд.“

Претставниците на републиканскиот сенатор Тим Скот, кој го води комитетот, не одговорија веднаш на барањето на CNN за коментар.

Веднаш по објавата на Трамп во понеделник, индексот на американскиот долар падна за 0,3%. Индексот ја мери силата на доларот во однос на кошничка меѓународни валути.

Фјучерсите на американските акции, во меѓувреме, се лизнаа уште повеќе по еден ден во зелено. Фјучерсите на Dow паднаа за 100 поени, или 0,2%. Фјучерсите на S&P 500 паднаа за 0,3%. Фјучерсите на Nasdaq 100 се лизнаа за 0,5%.

Цената на златото, кое се смета за безбедно засолниште во време на неизвесност, се зголеми за 0,45%.

Фото: Принтскрин/Икс

Слично

Поврзани вести