Трајковски: Ќе се залагам за висока транспарентност и отчетност
Горан Трајковски денеска ја презема функцијата в.д директор на Државниот пазарен инспекторат. Ветува дека работата ќе ја извршува чесно, одговорно и посветено.
„Ќе се залагам за висока транспарентност и отчетност за работата и активностите на ДПИ пред граѓаните и медиумите, како и на максимална соработка со сите сродни институции. Во време на економска криза, ДПИ е исправена пред низа предизвици и заштитата на правата на граѓаните, ќе биде мој приоритет. Изразувам благодарност до Владата и премиерот Димитар Ковачевски за дадената доверба која ќе се стремам да ја оправдам. На сите вам ви благодарам за честитките и поддршката“, пишува Трајковски на социјалните мрежи.
На 109 - та седницата, пред два дена Владата ја разреши директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска и го назначи Горан Трајковски за нов в.д директор на Државниот пазарен инспекторат.
Трајковски е дипломиран економист и магистер по економски науки, а на позицијата в.д директор на Државниот пазарен инспекторат доаѓа од менаџерска позиција во приватниот сектор каде во своето повеќегодишно искуство остварува соработка со регионот и повеќе европски земји, обезбедувајќи нови пласмани и развој за матичната компанија. Неговата експертиза е во областа на сметководството и финансиите, со менаџерското искуство во раководење на компанија која има регионално присуство на пазарот.
Слично
