Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТРАЈКОВСКИ: Ефективноста на вакцината против смртен исход останува непроменета кај постарите во последниов месец

ТРАЈКОВСКИ: Ефективноста на вакцината против смртен исход останува непроменета кај постарите во последниов месец

Професорот Дејан Трајковски повторно со пресметки за ефективноста на вакцините против корона. 
Ефективноста против хоспитализација е поблиску до ефективноста против смртен исход иако е малку помала, вели овој професор.

„Да се потсетиме, ефективноста претставува намалување на ризикот кај вакцинираните со две дози, во однос на невакцинираните. Претпоставено е дека вкупниот број на возрасно население изнесува 1,5 милиони, како и дека најголемиот број (95 отсто) од починатите биле постари од 60 години. Понатаму, претпоставено е дека уделот на прележани е приближно еднаков како кај вакцинираните, така и невакцинираните.

Најважниот заклучок е дека ефективноста против смртен исход (кај постарите од 60 години) практично не се менува, барем во текот на последниот месец и варира околу 87 отсто. Ефективноста против заразување продолжува да се намалува за околу 4-5 процентни поени неделно, како што се намалува титарот на антителата во телесните течности со текот на времето. Моментално просечното време од втората доза кај сите вакцинирани во Македонија изнесува околу 56 дена.

Намалувањето на ефективноста против заразување има многу слична динамика како во истражувањето на вакцината на Синовак во Бразил, па за еден месец ќе опадне на околу дваесетина проценти. Ефективноста против смртен исход засега не покажува знаци на намалување, што е сосема очекувано, знаејќи дека за заштита од смртен исход е доволен 7 пати помал титар на антитела отколку за заштита од заразување (како што видовме неколку пати во трудот на австралиските научници за врската помеѓу заштитата и титарот на антитела - https://www.nature.com/articles/s41591-021-01377-8), при што не е земен предвид меморискиот имунитет којшто останува долго време после исчезнувањето на антителата (но ова не важи кај сите вакцини).

Често се поставува прашањето колкав е тој титар којшто е доволен да обезбеди заштита против симптоматска болест или против смртен исход. Повторно повикувајќи се на трудот на австралиските научници, знаеме дека 50 отсто од лицата нема да добијат симптоми ако титарот на антитела изнесува просечно 20,2 отсто од титарот кај конвалесцентите, т.е. прележаните, а кај 50 отсто нема да има смртен исход при титар на антителата од просечно 3 отсто од титарот кај конвалесцентите. Иако не ја знаеме официјалната статистика за титарот на антитела кај прележаните во Македонија, имам неофицијален податок дека тој изнесува околу 7-13 пати над прагот на детектабилност. Така, како груба ориентација можеме да заклучиме дека лицата коишто сé уште имаат позитивен наод на антитела би требало да имаат најмалку 50 отсто шанси да избегнат симптоматски ковид, а се разбира и хоспитализација и смртен исход.

Смртен исход би можел да се избегне со најмалку 50 отсто веројатност при уште 5 пати помал титар од прагот на детектабилност, но под услов претходно сепак да биле развиени антитела (докажани со некој поранешен тест). Проблемот е што не знеме (при негативен тест) колкава е преостаната заштита и дали истата е доволна.

Можеби затоа во Израел, не сакајќи да ризикуваат но и заради експеримент, аплицираат и трета доза, иако пред 2-3 месеци од самата компанија Фајзер изјавиле дека нивната вакцина остава долгорочен имунитет против тешка форма на болеста и смртен исход. Израелскиот експеримент е интересен, па ако ништо друго, ќе дознаеме дали има подобри резултати во однос на другите земји, каде што решиле да се задржат на две дози“, пишува Трајковски.

Слично

Поврзани вести